Кога фашистите го освоиле кралството Југославија во 1941 година, Прилеп заедно со поголем дел од Македонија бил анектиран кон кралството Бугарија. Обидите на бугарските власти да ја наметнат нацистичката идеологија и бугарштината, колку и да биле брутални, никогаш не родиле плод. Напротив, од почеток, се јавил спонтан отпор, кој станувал се поорганизиран и помасовен во текот на тригодишното бугарско владеење.
Прилеп е првиот град во Македонија каде “пукнала првата пушка”, за ослободување од фашистичкиот јарем на 11 октомври пред 72 години. Партизанскиот одред “Гоце Делчев”, со напад на бугарската полициска станица – участакот, го започнал антифашистичкото народно ослободително востание низ цела Македонија.
Од прилепската околина, во НОВ учествувале 2700 борци, кои се бореле против нацистичките режими низ цела Југославија. Во војната, прилепските борци воделе успешни битки во западниот дел на земјата, а голем дел го пробивале Сремскиот фронт. На 650 партизани таму им останало последното почивалиште. За херојството, 15 прилепски партизани биле одликувани со орденот Народен херој, од кои 10 постхумно. Заради големиот број борци, кои го дале животот за слободата, Прилеп по ослободувањето го добил престижниот епитет “град – херој”.