Луѓето кои одгледуваат гулаби не може секој да ги разбере. Нивната љубов кон птиците, за кои не штедат пари ни труд, може да си ја објаснат самите. Таков е случајот со Благоја Качороски – Белото. Одгледува посебни гулаби – акробати. Ги наследил од чичко му како дете од шест години. Оттогаш има аманет да се грижи за наслетството. Вели дека се специјални. Изведуваат “финти” во летот за да се заштитат од грабливите птици. Додека се во воздух, “исценираат” дека им е скршено крилото, па понираат со голема брзина до земјата и таман пред неа да се исправат, продолжувајќи со летот.
Сега Благоја води сметка за 30 гулаби. Не може на поголемо јато да му бери гајле. Не ги носис на пердуф-Пазар, туку мераклиите го најдуваат и му купуваат дел од милениците од дома. Давачките за одгледување не се мали. Месечно ги рани со 30 килограми пченица, а килограм е 15 денари. Дава околу 2000 денари за вакцинација двапати годишно. Ги варди да не се заразат од болест со антибиотски капки.
– Најголем ќеф ми се гулабите. Ме одмораат како што не може човек. Ми се чини дека ме разбираат додека им зборувам. Со тешко срце се одделувам, ако купи некој чифт некој нашинец од Италија, Швајцарија или Турција – објаснува Благоја.
Белото е и ловџија. Од дедо му ја наследил ловната пушка “Монте Карло”. Ловец без ‘ртови не го бива. Затоа ги има Џеки и Џеси, верните ловни “другари”.