ИсторијаНа 24 април 1994 на мечот Победа – Силекс се случи тежок инцидент кој го засрами Прилеп со етикетата “нецивилизиран, заостанат град”. При 0-0 во 66. минута по отсвирен крај, дел од околу 5. 000 гледачи влегоа в терен, го сардисаа стадионот бесни кон судијата, битолчанецот Менде Дивитаров, во саботата контролор за 11 Октомври – Борец.
– Не доликуваше на Прилеп, град најспортски, со многу публика, каде и 80-годишни со стапче одат на фудбал. Ме делегираа за дерби, оти бев најподготвен. Секој ден по 10 километри трчав, да издржам врзани три меча. Наспроти домашната предност со свој терен, бев со визија да го штитам гостинот. Не им одговарав на екипи, навикнати на помош. Мечот немаше важност, а се крена тензија. Клучната минута, голманот Трајчев истрча, прифати топка, Антониевиќ затрчан удри во него. Бараа пенал, а имаше фаул во напад. Непостоечки пенал никогаш не судев. Професор сум по физичко, учам деца на праведност, а не на нечесни работи. Во мешаницата со нога ме удрија во потколеницата и со помошниците се оддалечив кај делегатот. По прописи свирнав крај и обезбедувањето со кучиња нé одведе до соблекувална. Заклучени треперевме, дури ноќта, преоблечени во полицајци излеговме од стадионот. Избегнавме линч. Не излезе некој пред народот да каже: Одете си, пенал не постоеше! Челниците на Победа биле во Германија, да беа тука немаше да дозволат метеж – вели Дивитаров.
Две години не доаѓал во градов, а сега комуницира со Јанески, Спиркоски, фудбалската фела во Прилеп.