Е-ПОМОШ ЗА СИТЕ

СОУ “Ѓорче Петров”
Секогаш кога сме во недоумица за некој термин, или нешто не ни е јасно, најчесто на помош ја “повикуваме” Википедија, најголемата бесплатна интернет енциклопедија. Идејата за Википедија е одлична, па има објаснувања за секој поим на повеќе јазици. Ама, ако споредите статија на англиски со истата на македонски, ќе се појави порака или дека статијата не постои или сосема малку текст.
За решавање на овој проблем, да се направи Википедија достапна на тие што не го владеат англискиот, Факултетот за информатика – Финки иницирал проект за дополнување и поставување на нови текстови на Енциклопедијата. Прво од градов се прозвало СОУ “Ѓорче Петров”, каде професорите Билјана Рошкоска, Сашо Кочоски и Снежана Переска одбрале тим на “следбеници” на Св. Климент Охридски, и започнале со обемната задача.
Иако не го запазиле рокот за тренингот во Битола, самоиницијативно формирале Вики-секција од 16 ученици. Тие се поделиле во тимови по однос на нивното знаење на историјата, англискиот и информатиката.
– Во февруари направивме целосна статија за училиштето. Продолживме да ги допишуваме “никулците” на некои статии и пишувавме нови за околните знаменитости на Прилеп. После се зафативме за стручните предмети – физика, хемија, хирургија и биологија – објаснува професорот Кочоски.
Вики-секцијата работела по два часа неделно до средината на септември и успеле да напишат или дополнат 140 статии за Википедија на македонски јазик. Дека пишаното било вредно да влезе во најголемата светска енциклопедија говори фактот што Комисијата од Финки на СОУ “Ѓорче Петров”, во Охрид, им дала плакети за прво место најученик – Благојче Дишоски, второ место за најпрофесорка – Билјана Рошкоска и прво место за нај – Вики секција во цела Македонија.

Loading