Во времето пред картичките за службен и приватен излез, кога работното време било фиксирано од седум до три часот, кога никој од “погорните” не притискал за крајни рокови, ефекти од работа. Работните обврски биле сосема различни од денешните.
Се почитувало работното време, се работело колку што се можело во релаксирана атмосфера. А, и тогаш, а сега ретко, немало канцеларија без некој алкохолен пијалок, да се одбележи некој договор, зделка или да се прослави некој празник. Кај нас таков бил и ќе остане редот. Доброто дело, да се залие, за да тргне работата.
На фотографијава гледаме неколку канцелариски и други работници, кои, дали после сработеното или во текот на работното време им се погодил муабетот па го залиле ни помалку, ни повеќе, туку со цела гајба пиво да ги одморат живците. Сигурно нешто големо се прославувало, судејќи по шишињата на бирото. Се раскомотиле, им тргнал слатко горчливиот вкус. Можеби и песна паднала, па и чалгаџиска тајфа ја кренала температурата. Од насмевките на лицата се чита дека расположението било пред кулминација, па регистраторите, небаре тетратки служат за потфрлање и подмавнувнување за мајтап.
Фотографија изгледа како преземена од ЈУ ТВ серијалот “Подобар Живот”, полн со канцелариски, хумористични и хаотични сцени.
Веселата клима е овековечена. Колку да се знае како некогаш се славело. Сегашните канцелариски работници можат да сонувата за вакво славје. Подведнати глави, електронски запис за влез и излез од работното место, куса пауза, флексибилно работно време и постојан надзор од шефовите кои “дишат во врат” да се исполни нормата во рок. Нема совршен социјален систем. Секој има предности и маани, но веселите луѓе остануваат расположени, наоѓајќи луфта за пијачка и шега.