ТЕМПЕРАТУРНИ ИГРИ

Временските прилики никако да ни се погодат. Еден ден е облачно, друг ден паѓа дожд, трет пука сонце. Ама ајде да беше така на “Луда Марта” на пролет, но уште календарски трае летото?! Времето дури се менува и од час во час, па човек мора да е подготвен и со чадор за дожд и со очила за сонце, со соодветна гардероба. Наутро температурата е ниска па се облекуваме за потопло, напладне пече силно сонце, па да жалиме утринска есенска одлука за облека. Летото се предава. Ги дава последните летни знаци, а есента лангзам ден по ден зема замав.
Прилепчани сепак се снаодливи. Утрата ги минуваа во топол простор, а на пладнето, ако се погоди времето, ги “сардисуваа” сите кафулиња, во летна униформа. Ако времето си поигрува со нас, ние ќе “потсвирнуваме” по неговите ноти.

Loading