ЖИВОТ ПОД ТЕНДА
– ОД 5 НАУТРО ДО 19 ЧАСОТ НАВЕЧЕР СЕ НУДАТ БЕЗ ВИКАЊЕ ВЕСНИЦИ, ЗИМЕ И ЛЕТЕ НА СНЕГ И ПЕКОЛ
Продавач на весници не е зборот кој би ја опишал Весна Димитриоска која ја тера 17-тата година како “стационарен колпортер”. Таа е модерен наследник на Дуче барабанџијата, оти знае сé и со весниците им пренесува на граѓаните. Сите ја знаат и сите ги знае. Има за секого почит. Сместена карши старата градска кафеана, нејзиниот штанд е “леќата” на чаршијата. Доаѓаат најмногу за весници и магазини, но не ретко и за починка од изгор жешкото време. Па и да се скрсти некој муабет. Секогаш има столче плус за такви случаи.
– Почнав во 1996-та година. А пред тоа бев надничар во повеќе фирми или слаткарници. Сопругот остана без работа во 11 Октомври и моравме да најдуваме чаре за живеење. За продажбата на печатени медиуми разбрав од еден другар на мажот ми. Првин чувствував страв и срам од непознатото, ново работно искуство. Друго е да си на нива, каде нема место за муабет, а друго е да си чаршиски човек и да најдеш мегдан, да разговараш со секого – кажува 43 годишната Весна за почетоците на “бизнисот”.
Работното време í е секогаш од 5 наутро до 19 часот. И зиме и лете, и на студ и на жега, Весна се снаоѓа да го истрпи долгото време под тендата, без разлика дали ја штити од сонце или од дожд и снег.
– На сефтето немаше многу весници за продажба. Се продаваа само македонските дневни. Толку нудеше пазарот, а и побарувачката тоа го бараше. Подоцна излегуваа нови весници, неделници, магазини – македонски и српски. Добавувачот ги носи сите што се нудат во Македонија. Прилепчани најмногу читаат Зенит, Време и Нова Македонија, а голем е бројот што го преферираат жолтиот печат, па српските магазини Свет, Скандал и Хело со насловните слики често “изнудуваат” купувачи – објаснува Димитриоска, додека се врвчат муштерии на кои им ја знае “дозата” новости, па без прашање им ги дава весниците.
Има создадено добра работна навика и стекнато доверба кај народот. А и не е лесна работа да се знаат цените на сите енигматски, спортски, стручни списанија, магазини и весници.
– Се научив овде и сега ми е како втор дом. Работата од нужна, ми стана интересна и забавна. Овде е “портата” на чаршијата, па секогаш се наоѓа некој за муабет, да се разменат мислите, да се стори мајтап и да поминува времето. Вистина е дека од еден денар процент продаден весник не е лесно да се собере за пристоен живот, но истрајувам и се што сакам е да ме држи здравјето – додава Димитриоска, која има 25 годишен син единец, кој си ја нашол иднината во фудбалот како играч во ФК Корзо.
Весна создала добар глас. Не ретко луѓето оставаат разни работи кај неа, сигурни дека тој за кого се наменети ќе ги добие како што ги оставиле. Често е и во улога на неформален градски информатор, па некој ако не знае кај е што во чаршијата, таа го упатува на местото. За 17 години ја научила чаршијата напамет, а и нејзините секојдневни промени.