ПРИЛЕПСКА СИРЕЊАРА !!!

Со сите свои постапки, човекот ја манифестира својата личност. Секој гест, секое дејство е одраз на неговиот внатрешен живот. Но, да не завлегуваме во непотребно филозофирање. Поводот за овој напис се неколку фирми што ги забележавме. А и фирмата, нејзината содржина, произлегува од желбите, преокупациите и наклоностите на сопственикот.

Имавме потреба од некаква, мала услуга од некој шивач. Влеговме во еден шивачки дуќан. Мајсторот љубезен, но рече дека ќе требало малку да причекаме. Бил зафатен со друга работа. Нé ни преостануваше ништо друго. Моравме да причекаме. Седејќи така во дуќанот, од спротива ни паднаа в очи две фирми. Не треба да објаснуваме дека двете се напишани со латинска азбука. Тоа е веќе вообичаена практика. Повеќето фирми во нашава држава се такви. Двете фирми што ги гледавме се всушност бутици, за текстилни производи. Едниот гласи РЕБЕКА, а другиот БЕСТИЈА. Не знаеме зошто овие фирми се викаат токму вака. Секако, и тоа е некаква желба, некаква преокупација на сопственикот. Според нашата транскрипција, треба да биде напишано РЕВЕКА, а не РЕБЕКА како што треба НАВУХОДОНОСОР, а не НАБУХОДОНОСОР, како што треба ВАРВАРА, а не БАРБАРА, ВАРАВА, а не БАРАБА. Речиси и да не сме слушнале некоја жена да се вика РЕВЕКА, а РЕБЕКИ има доста. На нашиве луѓе поубаво им звучи тоа. Инаку, РЕВЕКА (РЕБЕКА) е еврејско, библиско име. Тоа е жената на Исак, а мајката на Јаков и Исав. Да ја оставиме Библијата.

Седиме така во шивачкиот дуќан и ги гледаме од спротива споменатите фирми. Размислуваме и се прашуваме, дали сопственикот би ја крстил својата фирма така, ако знае што значи именката РЕВЕКА (РЕБЕКА). На еврејски, тоа им значи КРАВА. Сигурно дека во тоа време односот спрема кравата бил поинаков. Сега, ако и речеме на некоја жена дека е крава, тоа е мошне навредливо. Во тоа време, сигурно не било така. Но, факт е дека РЕВЕКА (РЕБЕКА) значи КРАВА. Како и да е, убаво звучи тоа име, необично, несекојдневно. Но, се прашуваме, што ќе загубеше фирмата ако беше напишана со кирилско писмо. Зборот БУТИК веќе е навлезен во нашиов јазик и тешко дека ќе можеме да го избркаме. И не треба да го бркаме. Такви случаи има многу и во другите јазици не само кај нас. Но, зошто, на соодветната фирма тој збор не само што е напишан на латиница, туку е напишан на оригиналниот јазик, па нашиов човек не ќе може да го прочита правилно. Да кажеме дека потеклото на зборот БУТИК е француско.

Другата фирма што ја гледавме, а е веднаш до оваа гласи БЕСТИЈА. Ќе звучи простачки (мисли сопственикот) ако биде напишана со кирилско писмо. Се разбира, фирмата е напишана на латиница. Според она што можевме да видиме на излогот, тоа е бутик во кој се продава женска облека. Можеби има и нешто друго. Што значи зборот БЕСТИЈА? Тој е латински и значи ЅВЕР, ДИВЈАК, ДИВО ЖИВОТНО. Придавката БЕСТИЈАЛЕН, придобива значење на ЅВЕРСТВО, ДИВЈАШТВО, СУРОВОСТ, па дури и САТАНСТВО.

Не ни е јасно, зошто сопственикот ги одбрал токму ваквите својства да бидат карактеристики на неговата фирма!

Кога сме кај фирмите ќе забележиме и друга крајност. Во нашиот јазик именките (добиени од именки) не треба да имаат наставка АРА, туку ИЦА (НИЦА). МЛЕКАРНИЦА (не млекара), СЛАТКАРНИЦА (не слаткара), ЦВЕЌАРНИЦА (не цвеќара). Но, во последно време редовно ги слушаме ваквите именки, со наставка АРА. Тука веќе се изместува и акцентот, но никој за тоа не води сметка. Понекогаш, наставката АРА не само што е погрешна, туку и звучи грубо, пренасилено. Долго време сме ја слушале именката СТОЛИЧАРА. Некоја фабрика што произведувала чорапи ја слушавме како ЧОРАПАРА. Еве сега, нешто најново. На стаклото од излогот со убави букви (овој пат кирилица) стои напишано ПРИЛЕПСКА СИРЕЊАРА. Со помали букви испишани се и другите производи кои ги нуди фирмата, односно кои се произведуваат во неа – кашкавал, путер, изварка, урда (не знаеме во што е разликата меѓу изварка и урда). Бидејќи главниот производ е сирењето фирмата е СИРЕЊАРА. Можеби некогаш ќе премине во КАШКАВАЛАРА, ПУТЕРАРА, ИЗВАРКАРА, зошто не и УРДАРА.

Некогаш, сирењето се произведуваше во бачила, така си ги викаа “простите” луѓе. Сега, фабриките, млекарниците, производните погони, каде што се произведува сирење, ќе знаеме дека се СИРЕЊАРИ.

Благоја Ивчески

Loading