ДОБРИЛА ГРАШЕСКА, ПЕЈАЧ ОД ГРУПАТА ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ
Пејачката Добрила Грашеска, заедно со групата Чалгија Саунд систем, се автори на музиката во кореодрамата “Сонот на Цепенко”, во режија на Кирил Петрески, која вечерва ќе биде прикажана од 20 часот на манифестацијата “Без пари в театар”. Вели дека претставувало возбудување и предизвик да се создава музика за театар.
– Напишавме музика за текстови за омилениот раскажувач, Марко Цепенков. Создадовме музичка приказна од неговото дело. Бликав од возбуда, се чувствував како да родив дете. Додека се креираше, се внесовме 24 часа на ден. Сон не ме фаќаше за темата Цепенко, зашто производот треба да “живее”. Водилка беше идејата да спакуваме модерно руво, дури не само современо, туку малку понапред. Се надевам дека создадовме нешто ново – вели таа.
Бидејќи Цепенков е собирач на народно творештво тргнале од таму да ја компонираат музиката и да ја пресоздадат.
– Нужен е корен, оти без почеток нема крај. Првата песна, “Калуѓерице, млада невесто” од 18 стихови скроивме и отпеавме оригинална автентична музика. Тоа беше кожурецот на приказната. Тоа беше тајната на изворното, етното, ама понатаму аранжманот е модерен. Снимивме осум композиции, циклус со почетокот и крај, со повторен почеток, како еден круг. Не мислев дека толку задоволство ќе ми приреди музиката, која мислам дека ќе заживее – објаснува Грашеска, не криејќи го задоволството од првата соработка со режисерот Петрески и Театарот.