Пред точно 30 години како тинејџер бев еден цел месец на гости во Хамбург, Германија. Германија ко Германија, нема што да се прикажува. Иако уништена со страотни бомбардирања на крајот од Хитлеровата авантура, сепак пред нас сто години. Она од што најмногу бев изненаден беше зеленилото насекаде. Хортикултурното урбано уредување за мене беше нешто неприродно. Кога се вратив назад, дома во Прилеп, најдов прашливи улици, несредени блокови меѓу зградите. Градот ми изгледаше уште попрашливи, односно понесредени, отколку кога заминав. И секако, најпоразителен беше сомнежот дали воопшто постои комунално претпријатие во градот?
Веднаш со првиот избор на и денес актуелниот градоначалник на Прилеп, градот веќе полека го избегнува имиџот по кој во поранешната заедничка држава СФРЈ беше познат како “најголемо село” со број на жители како град, но во сé друго како село. Молам да не ми забележат жителите на селските заедници, зошто ова квалификација за градот се однесуваше во друг одреден контекст. Исто така, нека не ми заабележат политичките опоненти на градоначалникот, но сметам дека ова величање на сработеното од негова страна не е неоправдана фалба. За осум години направени се нешта кои не се направени за 80 години претходно.
Но, секогаш постои тоа “но”… Мислам, а не е само мое мислење дека планерите во екипата од Локалната самоуправа имаат направено една голема грешка. Ќе се вратам на мојата германска приказна. Пред две години повторно бев на едномесечно уживање кај мојата тетка во Хамбург, овојпат фамилијарно. Никаде во блоковите меѓу зградите не забележавме ниту една клупа за одмор, ниту една нишалка. Затоа што просторите меѓу зградите се еден вид приватна сопственост на станарите. Оној кој сака да си поприкаже за Хурем или за Макрадули, тоа го прави во поголемите паркови надвор од станбените блокови, одмарајќи се на клупи и гледајќи ги своите деца или внучиња како играат на детските игралишта.
Кога наближуваат потоплите денови, односно ноќи, нас дома не фаќаат неиздржливи нервози, како ќе се помине и ова лето. Под зградата каде што живееме има “милијарда” клупи и еден сет детски реквизити. И додека преку денот, особено приквечерието, клупите и игралиштето ги користат како пријатно катче оние за кои се наменети, станарите, да се видат и да поприкажат, а нивните најмали да поиграат, после 21 часот доаѓаат ТИЕ… Доаѓаат “наоружани” со бофл пиво или вино во пластика со пакетче турска наполитанка. И, по неколку голтки, алкохолот почнува да делува. Почнуваат да ВРЕСКААТ (нема така голем фонт на букви кои овој збор сликовито ќе го прикажат). И така, минува 22, минува и 23 часот, доаѓа полноќ. А овие ГРЕМЛИНИ немаат абер од дома. И, веќе морам да реагирам. Излегувам на тераса, како момче, ама по пижама. Првиотпат со убаво ги прашав дали знаат колку е саатот. Им укажувам (затоа што очигледно не знаат) дека во зградата луѓето треба да спијат. И колку се културни, се извинуваат. Штом ја затворам вратата, а во лето тешко се спие со затворена врата, продолжува дивеењето. И тоа уште поџунглесто. Ми останува повторно да излезам и да се расправам, да ги бркам или да викам полиција.
Со ова писмо јавно се обраќам до градоначалникот, да знае дека нервите се при крај. Да не дојде до некоја глупава постапка од мене или од некој повеќе нанервиран од мене (претпоставувам има таков, особено некој кој живее во близина на паркот кај судот), го замолувам да најде решение за овој урбан проблем. Нека се вработат неколку лица кои после 23 часот ќе прошетаат по парковите, или нека се побара соработка со полицијата, односно да се вратат класичните улични патроли. Па да им објаснат на недоволно воспитаните деца дека парковите не се изградени за тие да лудуваат на полноќ.
За крај, ќе завршам со еден од многуте дрски одговори што ги добивам од палавковците: “Па зошто ги направија парковите?”
Душко Темелкоски борец за мирно спиење населба “Димо Наредникот”