Фудбал: Правилни одлуки во милиметри на Корзо, 11-ти
Ангелески, Мишески и Велевачкоска добија преодна оценка
На второлигашкиот фудбалски меч Корзо – 11 Октомври 3-2, за категоријата државен судија полагаа главниот Горан Ангелески со помошниците Иле Мишески и Ирена Велевачкоска, а четврт беше Жарко Димески. На полагањето задачата стана најтешка, од една страна градско локално дерби, плус ситуации со милиметри.
Во 14. минута Гешоски беше во налет, врз него стартуваше голманот Талески за судиите да покажат пенал, со црвен картон за голманот. Илјадната публика се подели. Некои сметаа дека пеналот е неправеден, оти прекршокот бил надвор од шеснаесетникот. Снимката потврди дека фаулот е внатре и нема место за спор, Гешоски реализира пенал. Во 45. минута Анастасов биеше, топката со глава ја изби Кулески, а судиите ја прекинаа акцијата, покажувајќи гол. Пак реакции, но по смирувањето следеше признание дека топката со целиот обем ја минала гол – линијата. Сите пет гола се регуларни, два на Гешоски и Анастасов за Корзо, И. Мирчески и Б. Крстески за 11 Октомври. О чекувано преодна е оценката од контролорот Јордан Мицковски од Кавадарци.
Со победата и трите бода Корзо има 27 на 11-то место, 11 Октомври со 33 падна на осмо, а на седмо е Победа со 35 бода, по поразот 2-1 во Новаци. В сабота Корзо гостува на Врапчиште, Победа го чека Маџари, а в недела 11 Октомври игра дома со лидерот Македонија Ѓ. П.