Грешки имало секогаш и ќе ги има секогаш. Најразлични. Лексички, синтаксички, граматички, секакви. Ако биде грижата за јазикот поголема нивниот број ќе биде помал.
Некогаш, кога ќе имаше некаков спор, некаква полемика дали е нешто точно или погрешно, се повикуваа луѓето на медиумите. Се велеше дека така пишува во весниците, така зборуваат на телевизијата и на радиото. Така беше тогаш. Сега веќе како да престанува да важи тоа правило. На нашиве медиуми грешките не се доброваат. Да ја земеме, на пример, телевизија Сител. Новинар, со висок новинарски дар, но од јазикот прави некакво македонско – српско – англиско есперанто. И не само во таа телевизија и не само во медиумите. Насекаде. Како да е јазикот најнепотребното, најневажното нешто. Можеби орото го води нашата најголема “продавница” на патриотизам – Парламентот. Нашите избраници (во најголем број), нашите прекалени борци за јазикот и идентитетот не престануваат да нé уверуваат дека тоа им е најважно нешто. А јазикот што го слушаме од нив, ако е тоа јазикот за кој се борат и гинат, нека им е алал четиригодишниот мандат. И тие и медиумите и сите ние, додека не сфатиме дека јазикот прво треба да го одбраниме од нас самите, ситуацијата ќе ни биде ваква. Грешките се многу. Ги забележуваме, тие постојано се повторуваат и веќе станува бесмислено одново да ги нотираме.
Ќе набележиме некои чудно конструирани (се разбира погрешни) реченици.
“Поддршка на РУРАЛНИТЕ СЕЛСКИ СРЕДИНИ”. Обична тавтологија. Па рурални средини значи исто што и селски средини. Доволно е ако се рече само СЕЛСКИТЕ СРЕДИНИ или како што е сега модерно, РУРАЛНИТЕ СРЕДИНИ. Ама ете, новинарот вели РУРАЛНИТЕ СЕЛСКИ СРЕДИНИ. Исто како да рекол СЕЛСКИТЕ СЕЛСКИ СРЕДИНИ.
“Во Здравствениот дом ќе работат специјалисти, откако ќе специјализираат”. Ваквата реченица новинарката ја повтори повеќепати. Бесмислица. Што се тоа специјалисти? Тоа се оние кои специјализирале. Кога ќе се рече дека ќе работат СПЕЦИЈАЛИСТИ, се знае дека тие специјализирале. Не постојат неспецијализирани специјалисти. Пред да специјализираат тие не се специјалисти. Затоа, сосема нелогичен е изразот дека ќе работат СПЕЦИЈАЛИСТИ, ама откако ќе специјализираат.
“Исплатени субвенции за произведен и предаден тутун”. Зборувајќи за тутунопроизводството и откупот на тутунот, новинарката кажа дека биле исплатени субвенциите за ПРОИЗВЕДЕН и ОТКУПЕН тутун. Па кој би исплаќал субвенции за непроизведен тутун? Тутунот за да биде откупен и исплатен, се разбира дека треба да биде и произведен. Појдете на пазар и купете кромид. Ќе ви дадат од тој што е произведен. Тој што не е произведен го нема на тезгињата. Продавачот не може да ви бара пари и за тој кромид што не е произведен.
“Се исплаќаат средства КОН ТУРИСТИЧКИТЕ работници”. КОН означува правец. Наместо да се рече дека се исплаќаат средства НА туристичките работници, новинарката вели КОН, што би значело НАКАЈ туристичките работници. Оваа грешка е мошне честа. Слушаме зачленување КОН НАТО наместо ВО НАТО или приклучување КОН ЕУ наместо ВО ЕУ.
Висок функционер вели дека посетил многу РАЗЛИЧНИ држави. Грешка. Нема две исти држави. Сите се различни. Овде станува збор за РАЗНИ, СЕКАКВИ држави. Мали, големи, развиени, неразвиени, блиски, далечни итн. Треба да се прави разлика меѓу РАЗНИ и РАЗЛИЧНИ.
“Ова го рече актуелниот и кандидат за градоначалник”. Слушавме вакви изрази многупати за време на изборите. Испуштањето на предметот е честа грешка. Придавката АКТУЕЛНИОТ на ваков начин не ни кажува ништо. Може да е актуелен пратеник, актуелен директор и уште многу нешта. Несмасна е реченицата. Можеби најдобро е, “Ова го рече АКТУЕЛНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК и сегашен кандидат за таа функција”. Може и поинаку, но онака како што е напишано е погрешно.
Многу недоквакани реченици, многу недоквакани изрази, многу недоквакани …
Благоја Ивчески