ОД “НУЛА” ДО ПРВО МЕСТО

Во ОУ “Блаже Конески”

Шестоодделенките Матеја, Емилија и Елена беа во својство на портпаролки на училишниот оркестар при ОУ “Блаже Конески”, што брои 23 члена.

Тие кажаа дека на регионалниот натпревар во ОУ “Гоце Делчев”, го освоиле првото место за оркестри. Учествувале скоро сите основни училишта од градов и оркестри од Македонски Брод, Крушево и Долнени. Оркестарот се претставил со композициите “Пчела” од Шуберт и наполитанската песна “Санта Лучија”. 

Менторот Марија Неделкоска вели дека на учениците, од кои седум се машки а останатите женски, годинава првпат се “запознале” со инструментите. Женските со мандолините, а машките со акустични гитари и контрабаси. Почнале од нула, со основни познавања за музиката и го достигнале врвот за кусо време со интензивна подготовка. Освоеното прво место  го”носи” на државниот натпревар во Велес. 

На друго поле и на друго место, Давид Лазароски со менторот Бранко Бабаноски биеле бој по автоматика. Училницата била претесна за сите проекти на Државниот натпревар за млади техничари и природници во Пробиштип. Посебно била голема макетата на Давид, крстена “Примена на автоматика во објекти за истражување”. Била извонредно програмирана, па скоро сите натпреварувачи пред време му го честитале првото место, гледајќи ја пробната презентација. На оценувањето Давид детално го презентирал трудот. На тричлената комисија не í се верувало дека проект од овој калибар може да изработи седмоодделенец, и со воодушевување, прво вербално, а после и официјално го наградила со прво место. Давид вторпат се искачува на пиедесталот за автоматика. За него ова е радост, но и сфаќање на потенцијалите кои ги има, и никој не може да му ги земе.   

Loading