ГОЛЕМ ПЕТОК ПРАЗНИК НА ВАРОШАНИ

Градот го имал за слава и празник, оти селаните доаѓале на гости кај градските роднини и пријатели

Зурли и тапани ечеле и се виеле ора пред урнатиот хотел Јадран

Денес се празнува Голем петок познат како Балаклија. Празник за Варошани, кои ќе ги отворат своите куќи да ги почестат добронамерниците кои ќе им дојдат на честитање на празникот. Ќе се одржи традицијата од памтивек. Ќе се зготви вкусна јанија, ќе се налее со ракија, вино, ќе се запее песна.

Варош слави во празнично руво. Адетот се пренесува од колено на колено кај вредните варошки фамилии.

– Идеа гости, роднини, до ручек. Сето беше полно, салонот, собата. Од порта до горе, полно народ на честење. Поблиските остануваа долу на ручек. Немаше време да ги почестиш сите гости. Се плашевме некој да не остане непочестен, па да “фати кусур”. Под манастирот пак, кај Дабој, сето беше ора, тапани, музика, гајди, свирки. Од училиште до манастир поредени тезги, панаѓур. После се слегуваше кај стара На – Ма. И на градските им беше Денот со многу гости – се сеќава една варошанка.     

Ама претходно ќе се појде на манастирот Свети Архангел Михаил да се запали свеќа за здравје, среќа и бериќет.

Манастирот, сместен меѓу грамадните карпи на Марковите кули, предизвикува интерес кај секој посетител, не е само со убавината, туку и со исцелителноста на водата која извира од кладенецот. За водата, Марко Цепенко забележал, дека во турско време некое дете се измокрило во отвореното кладенче, по што се вкочанило и ослепело. Молитвите и миењето од водите на изворот му помогнале да се излекува. Монашкото сестринство кладенецот го нарекува богородичен извор. И ден денес многу луѓе ја почитуваат легендата, доаѓајќи по илач.

Во манастирскиот комплекс, насреде е црквата, од едната страна камбанаријата, а другата конаците. Со заложби на Министерството за култура, а по проект на Завод и Музеј почна обновата на источниот конак. Од двете страни на влезот во црквата во цел раст се насликани фигури на кралот Волкашин и на Марко.  Манастирскиот комплекс е познат и по фрагментот од фреска од 12 век на “Св Архангел Гаврил”. На мермерните колони на тремот пред влезот на црквата се наоѓа сочуван запис на кирилско писмо од 996 година, на кој се споменува смртта на Андреа. Овој натпис е втор по старост со кирилски букви.

Тука живеат монахињи кои сликаат икони по преданието, во ореово дрво, со заднина од 24 каратно злато, обоени со природни пигменти, растопени со жолчка од јајце.

Црквата датира од 11 век. Кон некогашниот храм била доградена “западната црква”, во која има сочувани фрески од 13 век, меѓу кои и ктиторскиот кој го држи моделот на црквата. Еден век подоцна, во 14 била зографисана “источната црква”. Податоците говорат дека во 16 век дошло до обнова на источниот дел од црквата. Во 1861 година црквата е обновена со поставување на свод, изградба на отворен трем и на камбанарија. Кога завршила обновата на црквата се изградило и западното крило на манастирските конаци. Божјиот дом има форма на еднокорабна градба со нагласен источен и западен дел.

ПОПОВИТЕ И ОЏИТЕ НА ВЕЛИГДЕНСКА ТРПЕЗА

Поповите од прилепското архиерејско намесништво и оџите од новата религиозна група Елфи Сунет Велџамат третпат, по иницијатива на градоначалникот Марјан Ристески, седнаа на заедничка велигденска трпеза, потенцирајќи при тоа дека треба да се почитува традицијата, за респект меѓу луѓето. Затоа што заедно живеат на еден простор.

– Средбите се пример како треба да се почитуваме едни со други. Дојдовме кај свештениците за Велигден, а тие ќе седнат со нас на трпеза за Курбан Бајрам – посочи оџата Сулејманоски.

Отец Блаже Станкоски изјави дека средбата е пример за почит.

– Како што се вели во Евангелието оној кој е наш ближен, тој е до нас, ни помага – рече Станкоски.

Ристески изјави дека соживотот во  градот е на високо ниво.

Loading