Во гимназијата Мирче Ацев
Ученикот од втора година, Никола Момироски се покажал како најдобар на државниот натпревар по географија. Пред да замине во Скопје, го минал регионалниот “филтер” со зачудувачки 99, од можни 100 поени.
Натпреварот, организиран од Институтот за географија, бил со 140 учесници. Никола, кој интерес за географијата покажувал и во основно училиште со освоени места на регионален и државен натпревар, вели дека тестот бил лесен.
Менторот, професорот Владо Чакароски, го кажа спротивното, зашто, во тестот, покрај прашања од наставата имало и специфични прашања кои мора да се одговараат со логично размислување. Интензивно се подготвувале два месеци со тестови и литература за високо образование на темата “Национална географија на Македонија”. Имало и прашања од демогеографијата, па се барале проценти и бројки од населението.
Комисијата од професори го оценила тестот со 96 поени од 100. Првото место му дава шанса на Никола да аплицира за ученичка стипендија. Професорот Чакароски рече дека и тој и неговите колеги имаат само убави зборви за Никола, кому четворките му се непозната. Учествува и на натпревари по германски јазик и астрономија, но рано му е да размислува за понатамошно образование.