Ќе се навратиме повторно на карактерот на буквата Љ. Многу грешки се прават со изговорот на оваа буква. Причината е во тоа што тој графички знак е ист и во македонската и во српската азбука. Буквата е иста, но изговорт не е ист. Во српскиот јазик тој глас се изговара многу меко, а во македонскиот не е така, односно не треба да биде така. Но, под силното влијание на српскиот јазик нашиве луѓе го изговараат многу меко.
Каков треба да биде гласежот на буквата Љ, убаво е објаснето и во Граматиката на Блаже Конески и во Правописот. Благоја Корубин, исто така, на повеќе наврати пишуваше за ова во “Јазичното катче”, кое го уредуваше во весникот “Нова Македонија”.
Чудно е зошто просветните работници (речиси сите) не обрнуваат внимание, односно не го почитуваат пропишаното правило. Во обичната комуникација сите ние си го изговараме тој глас како што треба. Но, во пишан текст се чита погрешно. Никола, нагалено си го викаме Коле или Кољо. Но, штом ќе се сретне напишано КОЉО, сите го изговараат како во српскиот јазик, многу меко.
Ќе се послужиме со Граматиката. Ќе го цитираме објаснувањето што го дава Блаже Конески: “Со буквата Љ се означува меката согласка што му се спротивставува на тврдото Л (според разликата во значењето на овие зборови изразен единствено преку тоа спротивставување: беља – бела, кољо – коло). Ако ги изговориме слоговите ЛИ, ЛЕ, точно ќе го погодиме изговорот на нашето меко Л (Љ). Тоа се разликува од српското Љ, кое е помеко. Еднаквоста во пишувањето, значи, не треба да ја заклони разликата во изговорот”. Така вели Блаже Конески, а тоа е толку јасно, буквата Љ треба да се изговара како Л во слоговите ЛИ,ЛЕ. Пред И, пред Е и пред Ј, Л секогаш е меко. Лиле, пиле, зелје ( не зеље и Лиљана ).
Сево ова го пишуваме и го објаснуваме поради еден голем резил, срамотилак што ни се случува.
По распаѓањето на комунизмот, прв претседател на Бугарија беше Желју Желев. Желев е осведочен пријател на Македонија. Имавме можност да видиме една негова книга преведена на македонски јазик. Не стигнавме да ја прочитаме книгата, но така, од површното разгледување се насетува дека темата е Македонија. Не ни е намерата да ја коментираме книгата, туку преводот, односно начинот на кој е напишано името на господин Желев. Насловот на книгата гласи “Релациона теорија на личноста”. На третата страница се напишани во оригинал името на авторот и насловот на книгата. На бугарски јазик името на авторот гласи Желю Желев. И еве ја грешката. Еве го нашиот резилак. Името Желю на македонски е напишано – Жељу. Е сега, прочитајте ја буквата Љ во името како што се изговара во слоговите ЛИ,ЛЕ, ќе стане јасно како ќе звучи тоа. Напишани се имињата на преведувачите. Двајца се – Борис Благоески и Вера Милушева. На некоја од телевизиите сме имале можност да ја видиме корицата (можеби тоа е друга книга) на која со крупни букви е напишано Жељу Желев.
Книгата што ја видовме преведена на македонски јазик најверојатно му е подарена на Желју Желев. Или ако не, тој сигурно го има барем прочитано своето име на македонски јазик. Човекот сигурно мисли дека на македонски треба така да биде напишано. Но, ако му каже некој дека не треба така (а веројатно ќе му каже), што ќе си помисли господин Желев? Што ли ќе си помисли секој Бугарин, кој би дошол во контакт со соодветната книга преведена на македонски јазик?
Па тие наши преведувачи не се случајни луѓе, не се необразовани луѓе. Како може да не го знаат тоа? Каде е лекторот? Зар и такви луѓе, преведувачи, да не знаат дека името на Желев на македонски треба да е напишано Желју а не Жељу.
Во бугарската азбука постојат буквите я и ю. На македонски првата се пишува ЈА, а втората ЈУ. Значи Желју, а не Жељу. За буквата Љ, објаснивме како се изговара.
За жал, нашата неписменост не е само за домашна употреба. Таа ги преминува нашите граници. Затоа РЕЗИЛ е најблагиот збор што го одбравме за ваквата ситуација.
Благоја Ивчески