СЕ ТОПЛИ ДУШАТА СО ПЛАМЕНОТ НА СВЕЌАТА

Во пресрет на Велигден

„ТАКА ДА ЗАСВЕТЛИ ПРЕД ЛУЃЕТО ВАШАТА СВЕТЛИНА, ТА ДА ГИ ВИДАТ ВАШИТЕ ДОБРИ ДЕЛА И ДА ГО ПРОСЛАВАТ ВАШИОТ ОТЕЦ КОЈ Е НА НЕБЕСАТА.”

Во традицијата на нашата православна Црква, кога влегуваме во храмот, палиме свеќа како израз на нашата вера и љубов кон Бога. Суштината на ваквиот гест е молитвата, за себе, за блиските, за живите и упокоените, сите едно да бидеме во Него. За нас – за здравје на душата и телото, а за преминатите – Господ да ги упокои во место светло, блажено, каде што нема тага, ниту воздишка, но живот бесконечен. Како симбол на Светлината која ја добиваме со крштевањето, а ја негуваме токму со молитвата, свеќата претставува благороден материјален принос.

Следствено, во православната Црква изборот на материјалот од кој се изработуваат свеќите не ретко е восокот, особено заради неговата симболика, природност и убавина, но исто така и заради неговите својства. Свеќата од восок е еколошка и нетоксична, го освежува просторот, а нејзиното согорување претставува своевидна импрегнација на иконите и фреските, односно природно им служи како заштита и го продолжува нивниот век. Докажано е дека согорувањето на восок им помага на астматичарите и го подобрува дишењето кај лицата чувствителни на хемикалии.

Восокот е природен и чист како што треба да ја негуваме и нашата душа, миризлив како благ мирис на добродетелите и чесноста на нашиот принос кон Бога, дар од пчелите кои девствено и вредно работат како потсетник за висината и призивот на христијанскиот живот.

Монашкиот начин на живеење подразбира монахот да се храни од делата на своите раце, па токму изработката на свеќи била и е основна благословена дејност во манастирите. Целиот процес на изработка на восочни свеќи е проткаен со молитвата: „Господи, Исусе Христе, помилуј нè”. Таа е кратка, но сесодржана молитва. За монахот е важно дури и работата да не го одделува од молитвата, од она што по копнежот на срцето, но и по должност во Црквата, треба секојдневно да го негува.

Секој христијанин треба да гори како свеќа пред Бога и целото негово битие да се храни од нестварниот божествен пламен што ќе го краси до крајот на неговиот живот. Митрополитот Виталиј ќе рече: „Со палењето свеќа, секој христијанин влегува во допир со Црквата и нејзината благодарствена служба, активно учествувајќи во неа и невидливо стоплувајќи ја сопствената душа со пламенот на свеќата”.

Со Божја помош, за сопствени потреби, сестринството веќе извесно време ја обновува изработката на восочни свеќи во нејзината практична, симболичка и суштинска смисла. Добивајќи ја опремата како дар од прилепско набожно семејство што несебично ги сподели со нас знаењето и искуството за изработка на восочните свеќи, манастирот – никнат на благословените карпи и посветен на Светиот Архангел Михаил – ја продолжува традицијата на ова благословено ракоделие.

Монахиња Варвара

Loading