Единствениот прилепчанец што ќе оди на интернационалната олимпијада по математика е гимназијалецот од четврта година, Антониј Мијоски. Тој заслужено ќе патува во градот Санта Марта, Колумбија, затоа што минал низ секое можно сито и решето што стоело до оваа дестинација.
Наклоноста кон егзактните науки ја прикажувал уште во основно училиште, но резултатите не биле на нивото на неговото знаењето, заради недоволната амбициозност. Во Гимназијата го “калел” знаењето. Првин немал доволен стимул, но учествувал во јуниорска математичка олимпијада во прва година и освоил сребрен медал. Во втора година освоил второ место на државен натпревар по математика и трето по физика на исто ниво. Веќе во трета година ги сфатил потенцијалите и влегол во потесниот круг на најдобри македонски математичари, физичари и информатичари. Големо влијание за давањето на ветар во едрата на Антониј имало менувањето на климата во гимназијата. Новиот директор, Кирил Николоски, имал поголемо разбирање за талентираните ученици, па го ослободувал од часови кога се подготвувал за натпревари и тоа вродило со плод. Допололнителен стимул била одлуката на директорот парично да се наградат учениците и менторите кои постигнале успех на државни натпревари.
– Ослободувањето од часови беше критично целосно да се посветам на талентот. Со континуирано вежбање задачи од збирки по математика што ги наоѓав на интернет сфатив дека и во вежбањето е потребна методика. Од претходните тестови гледав дали акценот е ставен на геометриски, аритметички, тригонометриски и други задачи. Според тоа, го распределував времето за вежбање на задачите. Тоа се покажа како добитна формула. Моралната поддршка од професорите и семејството никогаш не изостануваше, пред и за време на натпреварите – објаснува Мијоски, додавајќи дека иако е посветен на егзактните науки, останатите предмети не трпат штета на таа сметка. Професорите имаат разбирање за специфичните таленти на учениците.
Во трета година, со дадената слобода за учење вон наставата, освоил бронзен медал на македонската олимпијада по математика, и прво место на државниот натпревар. По информатика бил трет на државно првенство. Се изградил како личност и создал карактер за учење со што сега никој не може да го промени на полошо или на стагнација. Успешно чекори само напред со сé подобри резултати.
– Од материјалите за вежбање го учам тоа што сметам дека е битно. Тие се само поткрепа на логичното размислување кое е пресудно на натпреварите. Целиот зимски распуст го минав во подготовки за математички натпревари и програмирање во Ц++. Со тоа, без проблем бев прв на регионалниот, прв на државниот натпревар и добив златен медал на математичката олимпијада. Добив статус на репрезентативец по математика. Сега ме очекува меѓународната олимпијада во Колумбија, со 600 учесници од целиот свет. Како водачи на нашата репрезентација се професорите Алекса Малчески и Весна М. Раковиќ – кажува Антониј.
Организаторите од Колумбија, според сознанијата на Мијоски, не штеделе пари за Олимпијадата, за што е доказ 10 дневниот престој во хотел со пет ѕвезди и екскурзија низ оваа јужноамериканска држава. На натпреварот оди со оптимизам и се надева на едно од првите три места. Тамошниот успех би му ги отворил вратите на престижните руски универзитети за информатика. Размислува и за белградскиот и скопскиот универзитет за кој има целосна стипендија. Како бек-ап варијанта му е насоката програмер на ФИНКИ.
За крај, после сите успеси, што ја прават гимназијата горда, Антониј за награда ќе помине пет дена одмор во Анталија.