Се заокружува манифестацијата “Избор на бизнис на годината за 2012”
Вечерва со доделување на наградите, финишира манифестацијата “Избор на бизнис на годината за 2012”. На три компании ќе им бидат доделени признанијата во знак на успешно заокружена календарска година. Свеченоста ќе се одржи во хотел “Сонце ГА” во 19 часот во соработка со регионалната стопанска комора.
Годинава, неделникот “Зенит”, акцентот го става на успешното работење на малите и средните компании кои успеале да се спротивстават на неповолните влијанија кои ја разнишаа дури и светската економија. Во битката “за најдобри, најуспешни, нај-компании” исфрлени се јавните претпријатија, државните компании. “Таргет” не ни беа ниту големите компании кои имаат над 250 вработени, туку напротив, семејните бизниси, малите и средни компании, на кои, и впрочем, им е потребна најголема поддршка, не само од државата, субвенционирање, поволни финансиски следења од банките, туку и медиумска презентација и промоција на берзата, токму онака, како што го правеше и “Зенит”.
Во секој број на весникот претставувавме по една компанија, по една идеја, за тоа како се осмелиле и народски кажано, “си ја потковале” ногата да се стават во “капиталистичкиот јарем”, да тераат приватен бизнис во кој нема место за празници, определено работно време или, просто речено, “нишај врата – земај плата”.
Воодушевуваа мотивите, некогаш и наследениот ген за одреден занает, некогаш и сосема спротивното, па сé до храбрите идеи за проширување со кои стануваат поконкурентни. Но, најмногу од сé, радуваше истрајноста, посветеноста, во настапот и она што се вика семеен бизнис. Сопственикот, не размислува за синот и ќерката што да учат, туку која струка и кадар í треба на фирмата, а со тоа го осигурува и лебот на потомците, а, од друга страна, успева да добие одговорен и вреден работник. Респект заслужуваат и фирмите кои одбележуваа јубилеи, годишнините кои се доказ на опстојот на ветрометините.
Во рубриката “Бизнис” или на втора страница, од една до друга годишна манифестација, се најдоа 50 -тина фирми од различни дејности и услуги. Бесплатно ги претставивме: Златески, Невис, Панефино, Зоником, Нат текстиле, Ибопод, Евроконтакти, Фер Плеј, Металинженеринг, гостилница Извор, Чардак, М и К, Ники Комерц, Гомакс 2010, Дерма Протект, Вал, Болеро плус, Простор проект, Скај Видра, Пицерија Тијана – Меџик, Перпетуум Мобиле, Профил монт 2006, Тути – Фрути, Иназ – М, Мах 77, Алибра 2007, Печатница Растер, Интегра Системи, Престиж, Иго Пер 2007, Фурна Бојан, Аптека Фиталија, Рабуш Пласт, Тврда Градба, Мебел Венеција, Фурна Бикоски, Тирел, Пигмент, стоматолошка ординација д-р Веселин, Провиста, Искра, Б и Б Уникооп и Сваќарот.
Неделникот “Зенит” продолжува со “посредување” меѓу давателите и корисниците на услугите, меѓу производителите и консументите на продуктите, меѓу актерите во кругот “понудувачи и примачи” во кој е навистина мајсторство да се преживее.
СПЕЦИЈАЛНИ ГОСТИ – МУЗИКА ОД АКАДЕМЦИ
За посебен штимунг, за шмект и свечената нота на настанот, специјални гости на манифестацијата “Избор на бизнис на годината”, ќе бидат професори од ОМУ “Ордан Михајловски – Оцка”.
Ќе настапат вокалот Леонарда Богданоска Гиноска и на гитара Илија Чакароски, кои ќе изведат композиции во чест на наградените.
Виртуозите на музичката фела, со академско образование, кои се одлични педагози и практичен пример за бројните ученици и генерациите кои го посетуваат основното музичко училиште, ќе бидат “дар” за сите ценети присутни на манифестацијата, која ужива сé поголем респект меѓу бизнис секторот.