Фудбал
После 17-дена пауза поради аматерската репрезентација, во вторник продолжува првенството во Втората фудбалска лига. Залетаниот тим на 11-то Корзо оди во скопско Горно Лисиче кај третиот Еуромилк. Изгледот на табелата не треба никого да изненади, ако гостите дадат силен отпор и останат непоразени. Екипата на Зоран Штерјовски на последните 10 меча има само еден загубен и затоа се крена пет места над дното. Расположените стрелците се покажаа со седум гола врз Тиквеш и шест против Охрид.
Младиот состав на седмиот 11 Октомври ги тестира можностите кај деветтото Врапчиште. Растоварени од грижите за опстанок, за момчињата на Тони Наумоски секој освоен бод, особено на гости, е голем плус. Овојпат борбата за позитивниот исход е и обврска, за поправка на минусот од претходното коло, кога дома со 0-1 несреќно беше загубен дуелот од Еуромилк. На табелата подобропласираните бегаат и тешко е да се напредува, така што планот е барем да се задржи седмата позиција во претстојните седум кола.
“Закована” во средината од табелата, на осмото место со 32 бода, е Победа јуниор. Попусто беше освоен бод, 0-0 кај Баби во Штип, кога ФФМ го регистрира мечот службено во полза на домашните, поради неправилен настап со пет жолти картони на Александар Зојчески. Шанса да се запре негативната пролетна серија е натпреварот дома во вторник со атрактивниот ривал Миравци. За петтопласираните гости е последниот обид за пробив нагоре, а задача на првотимците од Златко Петрески е да не се покорат лесно на стадионот “Гоце Делчев”.