ИКОНИТЕ СЕ ЛИКА – ПРИЛИКА НА СВЕТИЊАТА

Александра Јовеска, уметница

Александра Јовеска е талентирана уметница која долги години е посветена на сликањето икони. За неа, да се твори, значи да создаваш, да го издвоиш од себе она што го поседуваш и чувствуваш. Смета дека тоа е човечка активност, производ или идеја, поврзана со сетилата, со емоциите и интелектот. Кога се ѕирнува во нејзината уметничка душа, се открива предизвикот.

– Да ја разбереме природата на иконата и да ја читаме содржината треба да ја разбереме основата. Од ликот на еден светец нема ништо почудесно, потполно, посовршено. Иконата е лика – прилика на светињата. Се што е духовно и свето, пресветло за нашите очи преку ракотворна света икона, ни станува видливо како врска со духовниот свет. Сé што не можам да видам со духовните очи, се трудам да видам преку телесните и да живописам. Се надевам дека е благоугодно – вели Јовеска.

Според неа, секоја икона, без разлика дали било ликот на Пресвета Богородица или друг светец, има свои карактеристики.

– Заедничко на сите свети икони е тоа што се подеднакво убави и чудесни. За жал, верата кај луѓето не секогаш е доволно силна да се види убавината, големината на светите икони во целиот сјај – додава уметницата.

Кога твори, се ослободува од внатрешното, од скриеното длабоко во нејзината душа.

– Работам во секоја техника во која може да се живописат иконите: масло на медијапан, дрво и акрилна или земјена боја, односно со природна и органска материја – раскажува Александра.

Слика од детство, откако почнала да ги препознава боите.

– Со иконопис интензивно се занимавам во последните 12 години. Мои дела има во повеќе манастири и цркви низ Македонија и ширум светот. Дел од  иконите ги красат и домовите на многу семејства. Да подариш икона, значи да подариш нешто најсвето, подаруваш и мир и благосостојба – потенцира Александра.  

Таа сега е пред најголемиот предизвик. Придонесува на живописувањето и уредувањето на новата капела на новите градски гробишта.

– Одлучив да сликам на медијапански плочи со големи димензии заради практичност и задоволство. Севкупниот впечаток се надевам ќе биде воодушевувачки и ќе предизвика емоции. Иконите се специфични и нормално имаат своја тежина. Се изработуваат со голема прецизност и потребни се многу труд и духовен мир. Покрај многуте искушенија успевам со Божја помош да постигнам одредено ниво на духовно смирение, без кое не би било се толку прекрасно како што е. Накратко тоа се подготвува засега. Останатото со зборови не се опишува – додава Јовеска. 

Loading