Ракомет
Екипата на женскиот суперлигаш Жито Прилеп го загуби пресудниот, трет полуфинален плеј – оф меч во Скопје од ЖРК Металург со 33-22, а меѓу најдобрите во поразениот состав како по обичај беше голманката Дијана Наумоска. Таа успеа и да даде гол од далечина на поранешната клубска другарка, Романката Михаела Јаломитеану. Расположена беше голгетерката Тања Шалевска со 10 погодоци. Претходно, на реваншот дома Жито Прилеп со 25-22 по три години го “шокираше” шампионот со девет гола на Савица Мркиќ, седум на Тамара Стојановиќ.
Сезоната не е завршена. Остануваат два или три меча за трето место против младинскиот Металург, плус финалниот турнир од Купот. На 11 мај пак ЖРК Металург е првата пречка, ако се прескокне на 12 мај е финалето со новиот гигант Вардар. Убаво е да се игра уште едно финале, а во растоварена игра се може да се случи. Составот на Борче Марковски извесно дека и по друга основа, како третопласиран ќе обезбеди петти пат пласман во еден од куповите во Европа.
Женскиот тим на РК Филип 107 со 30-22 го совлада САП Акумулатори Пробиштип, најмногу по заслуга на Емилија Сталеска со 12 гола. Следен ривал за петтопласираниот состав е четвртата Струма во Струмица. Во машката лига, одложен е дуелот РК Прилеп – Работнички, а наредно е гостувањето кај Риниа во Гостивар.