ОУ “Гоце Делчев”
Кусиот осврт на успешното работењето на ОУ “Гоце Делчев” се должи на патрониот празник, 4-ти мај.
Училиштето постојано ниже успеси на сите полиња. На таков начин ги следи, одржува и надградува пораките од револуционерот, чии традиции и дела им се водилка и на наставниците и на учениците. Поради мноштвото ученички “плодови” на различни натпреварувачки нивоа, децата се редовно забележани и никогаш не се изостанати од страницата Петка.
– Нагорната линија и константните успеси се должат на квалитетната екипна работа на стручниот тим и наставничкиот колегиум, кои се квалитетен спој на младоста, еланот и искуството – посочува директорот Трајче Каралиоски.
ДОСИЕЈА ЗА ДАРБАТА НА УЧЕНИЦИТЕ
Постојаните триумфи, како “од фабричка лента”, се должат на посебното внимание што се обрнува на секој ученик од секакви социјални средини. Се води досие за резултатите, поведението и склоностите на поединецот. Постојаното професионално усовршување на наставниците, овозможува следење и практикување на последните трендови во образованието. Врската ученик, наставник, стручна служба, директор, функционира на другарски принцип. Евентуалните проблеми се отстрануваат, а успесите се мултиплицираат.
– Важни се и пријатниот ентериер и опременост со модерни воспитно – образовни нагледни помагала на училиштето. Тука голем придонес има донацијата од кинеската влада од половина милион евра и непрекинатото вложување на локалната самоуправа во образовните институции – кажува Каралиоски.
АКТИВНОСТИ
Секоја поголема активност е поткрепена со медиумска покриеност. Тоа дава дополнителен стимул за натамошни успеси.
Можеби најголем поддржувач на францускиот јазик преку традиционалните денови на Франкофонијата се наставничките од ова училиште.
Со повеќе активности за Светскиот ден на еко акција, ОУ “Гоце Делчев” го одбележа празникот, едуцирајќи ги учениците на постојана грижа и подигањето на свеста за заштитата на човековата околина. При тоа се собира отпадот во училишниот двор, се собира стара хартија. Во акциите учествуваат и ги поддржуаат родителите со организирање изложба на цртежи и лични творби и пораки на тема “Да ја зачуваме планетата Земја”. Кампања за поткревањето на еколошката грижа се споведуваше преку подготовка и делење на брошури подготвени од учениците од Еко – секцијата и во центарот на градот и во училиштето. Учениците ги збогатија сознанијата и со Поњер Поинт презентации на тема “Екологијата низ поштенските марки”.
ОУ “Гоце Делчев” е најпознато по успешниот хор и музички оркестар кои со љубов ги води наставникот Љупчо Мирчески. Досегашните врвни дострели на младите надарени таленти за музика се верификувани со првите места на годинешните регионалните натпревари, каде хорот освоил 98, а оркестарот 97 бодови од можни 100.
За патрониот празник децата организирани од наставниците ќе имаат целовечерна приредба во ЦК “Марко Цепенков”. Празникот ќе се одбележи и со организирање на меѓуучилишни натпревари во повеќе спортови. “Крштевање” ќе има новото тениско игралиште, прво од овој вид во градов. Директорот нагласува дека на учениците ќе им бидат доделени благодарници за поттик, бидејќи несебично се вложиле во наставата, учествувале и постигнале резултати на училишните, општинските, регионалните, државните и интернационалните натпревари.