Влатко Попантулески – болдерист
ДРУГАРКА МУ ГО ОПСЕДНАЛА СО КАРПИТЕ
Вешти прсти и мускули, избалансирано тело за јазење по стени
Ретко кој од градов слушнал, а уште помалку се заинтересирал за болдеринг, или качување по природни или вештачки карпи. Тоа не е спорт каде се постигнуваат голови или се води борба со времето. Сепак придобивките ги надминуваат тие од колективните спортови.
Студентот по ветерина, 18 годишниот Влатко Попантулески, од 2011 година, “завлегол” да ги изучува техниките, а со тоа и предимствата од болдерингот како член на спортско качувачкиот клуб (СКК) Златоврв.
– Постои само долна возрасна граница, од 7 – 8 години, а горна нема, зашто “заразата што ќе го фати” болдеристот го држи додека го крепат нозете. Пред болдерингот, бев член на стрелечки клуб. Стасав до државен првак во 2006 година. На предлог на другарка ми, посетив собир на качувачи по карпи. Ми изгледаше атрактривно и повозбудливо. Веднаш ми стана интересно и се преориентирав – го објаснува неафирмираното хоби, Влатко.
СТРАСТ ЗА ДУХ
Во спорт каде нема временски граници, нити одземање бодови за неправилен потег, се поставува прашањето што е интересно?
Одговорот е многукратен. Младите го вежбаат телото и духот со вештина на искачување со прстите од рацете и нозете, трудејќи се да го “решат проблемот”, односно линијата по која ќе се искачат на карпата. Анализираат и прават ментална слика за искачувањето. За тоа е потребен чист разум и расудување. Потоа следи исполнување на замисленото со наоѓање и на најмал отвор во каменот за поставување на прстите и стапалата. Техниките и искуството се пресудни за добро решение на проблемот.
– Сé се темели на балансот што се постигнува на карпата. Постојат техники и вежби да се префрли тежиштето од левиот или десниот екстремитет и да се достигне точка која навидум е недопирлива. Затоа клучно е да се развиваат сите телесни мускули. Тоа не се прави со вежби во фитнес клуб и кревање тегови, туку напорно, со тренинзи, со исцртување линии на бицепсите, трицепсите (внатрешните и надворешните мускули на надлактицата), нозете, сé до малиот прст на раката. Потоа треба да се постигне флексибилност со “пентерење”. Болдерингот, на човек, му дава изглед на добро градено тело – кажува Попантулески.
За уживање во страста на освојување на неможното, освен желба и мускули, потребни се специјални патики, магнезиум да не се потат рацете, четка за чистење на длабнатините и најбитното душек (црусх – пад) со спотер, односно човек кој го следи болдеристот од земја и ќе го поместува душекот за евентуален пад. Спотерот мора да е човек од доверба, затоа што му се доверува животот, при пад од три до пет метри, колку што е висинската границата за болдеринг.
– Повредите се ретки, доколку телото е добро извежбано. Од потешките, најчести се изместување на зглобови и модринки. Чести, но мали се исечениците и плускавците кои не можат да се избегнат, заради острите карпи – објаснува Влатко.
ВЕШТАЧКИ КАРПИ
Досега учествувал на неколку собири и турнири, како и на натпревар на вештачка карпа во Скопје лани. Вештачката карпа е всушност голема плоча која почнува вертикално, а завршува скоро хоризонтално со наместени фаќалишта. Тие можат да се поместуваат за повеќе решенија на линијата на качување што ја одбира болдеристот.
– “Спортот” не е репетитивен и затоа е интересен. Една карпа може да има десетици “линии” на качување. Најтешката, најитересната за комисијата добива поени. Се применуваат техники, оти без нив џабе е сиот труд и се останува заглавен на карпата. Затоа никогаш не треба да се спортува сам. Двајца спотери, мора да бидат присутни, за морална поддршка и за местење на душекот. Доколку фати клаустрофобија, градите се шират, и уште повеќе се заглавуваш во вдлабнатината. Смиреноста и психичката подготвеност се нешта без кои не треба човек да се впушта во болдеринг – смета Влатко.
На Запад, родителите од мали ги носат децата на болдеринг, затоа што стануваат еко – свесни. Истражувањата покажале дека во подоцнежниот живот немаат страв од височини и мозокот побрзо им се развива од врсниците. Хобито бара екстравертност, отвореност, комуникатиност, зашто така се разменуваат искуства со колегите.
НАЈДОБРИ КАРПИ НА БАЛКАНОТ
– Прилепската околина има најдобар потенцијал за болдеринг, заради уникатните карпи кои се како “родени” за оваа пасија. Не е чудо што доаѓаат Полјаци, Словаци и жители на претежно “рамни” земји. Дојдоа полски болдеристи да се качуваат на карпите под Марку Куле. Дента преспаа оти врнеше, а ноќта со силни светилки ставени на главите, се качуваа по карпите. Прилепските стени се посетени и од жители на алпските земји кои го имаат усовршено овој “спорт” – завршува Попантулески, додавајќи дека вештачка карпа во некоја сала би била одлична за развој на децата и младите.