Карате: Спротивставени страни по медалот од Истанбул
Објавивме во минатиот број дека ката тимот на КК Лукас, Симеон Мерипушкоски, Звонко Николоски, Константин Василески освоија “сребро” на Светското првенство за деца во Шотокан стилот, во Истанбул, Турција и веднаш следи реакција. Со оспорувачки став се јавија тројца тренери на репрезентации, Златко Димоски, Петар Белистојаноски и Арлин Хусеини.
– Поделеноста во стилови е една од причините што каратето не е олимписки спорт. Затоа, Светската карате федерација (СКФ) ги обединува сите под исти правила, на едно официјално светско на две години. Последното сениорско беше во Париз 2012, следното е Бремен 2014. Има светски за кадети, помлади и постари јуниори… СКФ не ги рангира и не ги зема во предвид наградите на десетиците стилски првенства. Да биде појасно, исто како да се организира светско фудбалско во катанаџо стил, шпански, бразилски стил и слично, но ФИФА не би ги рангирала, туку само официјалното светско првенство – велат Димоски, Белистојаноски и Хусеини.
Другата страна, КК Лукас, вели дека во Истамбул имало Светско првенство во Шотокан стил. Покрај Лукас, учествувале клубовите Кожуф, Гладијатор, Форца, Јошитака и најдобриот моментно, Металург. Тренерот Ахил Јаков вели дека првенството во овој стил е престижно и не е турнир.
– Нашиов клуб е дел од тој стил. Важно се потврди квалитетот. Не сум чул досега за турнир од 3000 учесници од 45 земји. Ако првенството е незначајно, нема да опстојува четири година. Плус, стои и во календарот на СКФ – смета Јаков.