СОЗРЕВАЊЕ СО КУКЛИ – МАРИОНЕТКИ

Утревечер и в недела премиера на “Калифот Штрк”

“Калифот Штрк” од Вилхелм Хауф, во режија на Дарко Ковачовски, е куклената претстава која театарот ќе ја прикаже премиерно утревечер од 19 часот и в недела од 12 часот. Според режисерот Ковачовски, претставата со марионетки, која првпат се поставува во земјава, е приказна за созревањето и прифаќањето на одговорноста.

– Детската претстава за публика од петгодишна до наша возраст е куклен театар за откривање на детето во себе преку марионетки – кукли на конци, водени од мост, без видливо присуство на актерот. Сепак, куклата ќе е експонат, ако актерот не дејствува. Актерите со композиторот ги оживуваат куклите, кои ќе помогнат со нивниот живот на сцена да ја раскажат приказната за едно дете кое треба да порасне. Растејќи, се впушта во авантура. На патот ја спознава грешката и ја прифаќа одговорноста. За едно дете кое од принуден Калиф, станува достоен Калиф – вели Ковачовски.

Калифот Штрк е епски материјал – приказна на германскиот романтичар Вилхелм Хауф, кому му биле интересни темите од Блискиот исток.

– Темата е за смената на поколенијата кои треба да научат како да живеат со сопствената одговорност и како да веруваат во своите сили и проценки за да се справат со случките во животот. Тоа е инспирацијата да ја изберам оваа епска материја за на сцена – додава режисерот.

Среќен е што сработил претстава во нашиот театар.

– Во ансамблот живеат две генерации во хармонија. По принцип генерации на класичниот театар, генерации кои работат, свесно или несвесно по системот на Станиславски и новата генерација која се докажа, покажа и раскажа за она што бил условен Брехтовски театар. Екипата е енергична, темпераментна, “луда”, подготвена да жртвува часови во театар. Почнавме со страв од куклата, потоа стана интересно, за, на крајот, да ни недостасуваат конци и да се родат идеите.  Нема поголем импулс и радост на еден режисер да се сретне со ваква екипа. Пробите беа како да е празник, зашто театарот прави празник – додава Ковачовски, кој е дипломиран куклен режисер во Софија и со сопругата има сопствено ателје за изработка на марионетки.

Досега режирал куклени претстави во Србија, Хрватска, Словенија, Чешка.

Играат: Владимир Ѓорѓиески, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Јасмина М.Станкоска, Катерина Чакмакоска, Наташа Наумоска и Димитар Ѓорѓиевски.

Сценографијата, костимите и куклите се на Надја Василева. Автор на музиката е Владимир Џамбазов од Софија.

Loading