Порибување со 20 килограми поточна пастрмка на Црна Река во Мариово кај Расимбеговиот мост првпат изврши Здружението на спортски риболовци Пец – Пец, кое е концесионер на дел од реката од вливот на реката Сатока до вливот во Тиквешкото Езеро. Во матните бујни води се пуштени околу 1800 млади од 10 до 15 грама, набавени од Центарот за репродукција Шум кај Струга по 1200 денари од килограм.
Во друштвото велат дека било нужно да се збогати рибниот фонд, а пастрмката располагала со природен инстинкт за адаптација во Црна Река.
Според рибарите, зимоска биле уловени неколку примероци пастрмки во Мариово, слезени од водотеците од Ниџе и Кајмакчалан.
Во друштвото членуваат околу 600 спортски риболовци.