МАСЛИНКИ, НЕ САМО ЗА ПОСТ

Рели трејдком

Фирмата за трговија на големо и мало со маслинки Рели трејдком постои од 2012 година. Не е нова, туку има длабока традиција и искуство во прометот со маслинките, зашто наследник е на претпријатието од 1991 година Џен, кое, исто така, било ориентирано во оваа бранша. Сопственици сега се Ирена Јанакиеска – Ангелески и Лидија Јанакиеска.

Со багаж од искуство зад нив, стекнуван стапка по стапка, и освојувајќи ја довербата со квалитет и чесност, муштериите и малите фирми, нивни потрошувачи, веќе ги препознаваат како реномирана фирма со најквалитетна понуда.

Основачите на Џен, велат дека ја презеле доминацијата со прометот на грчки маслинки во почетокот на овој век. Веќе 13 години се главни увозници на десетици сорти маслинки со различни вкусови и калибражи. Односите со партнерите од Грција им се негувани со години и затоа успеваат да бидат најатрактивни, не само со цените, туку и со квалитетот, па и со богатата понуда.

– Условите не се лоши, во рамките на можностите на народот. Конкуренцијата е голема. Добро е што прилепчани држат до традицијата со постовите. Многу се конзумираат маслинки, во споредба со градовите во соседството, па и со цела Македонија. Најмногу бараат за постите, летен период, божиќните пости. Побарувачката опаѓа со појавата на зеленчукот на пазарите. Зашто, покрај зеленчукот, малку се поскапи вкусните црни, зелени и во други бои, маслинки. Последниве години народот се враќа кон одржување на обичаите. И младите, и старите избегнуваат мрсна храна пред божикните и пред велигденските празници, не само заради “редот”, туку и за здравје – велат сопствениците. 

Во пелагонискиот регион има мали фирми што купуваат од Рели трејдком. Ги снабдуваат дуќаните во Крушево, Битола…

– Раскошен е изборот на маслинки. Во секој момент располагаме со 12-13 сорти, но во основа се 3-4 сорти, зелена, ферментирана, црна, светла – блонд. Сите имаат по неколку големини во зависност  на вкусовите –  објаснуваат од Рели трејдком.

Цените зависат од квалитетот. Во малопродажба има од 110, па нагоре до 220 денари. Пристојни се цените оти “тераат” еврејски тертип на трговија, со мала заработувачка, но со голема продажба и квалитет.

– Понудивме и други поскапи видови маслинки со различни зачини и додатоци, како со пиперки, краставички, лук и други ароматични мирудии. Тие се поскапи и граѓаните послабо ги купуваат. А и условите за одржување се специфични. Нудиме и сечкани маслинки без семки, за пицерии, пекари и други фирми кои ги користат за додатоци во своите производи – велат газдите.

Маслиново масло не увезуваат, оти е потребна лабораторија. Плус, цените варираат, поради мешањето на маслиновото со сончогледово масло. Најквалитетното не може да биде поевтино од 700 денари за литар, зашто за литар се потребни девет килограми маслинки.

Рели трејдком би сакал да се шири во бизнисот, но тоа зависи од генералните услови. Планираат пакување маслинки во соодветна амбалажа. Го испитуваат пазарот, но се во дилема, зашто граѓаните сакаат да пробаат, пред да купат.  

Инаку, за дополнување на понудата последниве години располагаат и со печурки во солило од српско потекло.

Loading