Историја
Во почетокот на деведесеттите, се смени државата и репрезентацијата за која се навиваше, местото на Југославија го зазеде Македонија. Се свиреше нова химна. Народот се свикнуваше на промените, но не баш лесно. На 1 септември 1994 во Прилеп првпат играше младата македонска репрезентација, против Турција. Истрчаа фудбалерите, на терен излезе и оркестарот. Репертоарот се состоеше од борбени и патриотски песни, со атмосферата да се внесе дополнителна сила кај фудбалерите да издржат со моќниот ривал.
Цел стадион се крена на нозе, кога од оркестарот одекна “А бре, Македонче”. Гледачите мислеа дека тоа е државната химна. Ретки беа тие што седеа и сугерираа дека тоа не е химната. Мнозинството стоеше во став мирно. Народот немаше искуство со меѓудржавни мечеви, инаку ќе се знаеше процедурата, според која додека фудбалерите се растрчани и се загреваат, не се свири химна. Дури се збунија и медиумите, кои коментираа дека оркестарот ја згрешил химната. Свирачите не згрешија, туку публиката згреши, која и вторпат стоеше кога се свиреше вистинската химна.