Речиси нема ден, а да не чуеме дека некој е притворен, поради злоупотреба на СЛУЖБЕНАТА ПОЛОЖБА. Ова е всушност, буквален превод (калка) на српското СЛУЖБЕНИ ПОЛОЖАЈ. Но овде нешто не е во ред. Српската именка ПОЛОЖАЈ се разликува со своето значење од нашата именка ПОЛОЖБА. Српскиот израз “човек на високом положају”, тешко дека ќе се преведе – “човек на висока положба”.
Прво да расчистиме со именката ПОЛОЖАЈ. Во нашиот јазик таа не може да егзистира, поради наставката АЈ, која не постои во нашиот јазик. Некои зборови, како случај, обичај итн. се влезени по чисто книжевен пат. Луѓето од перото го знаат тоа и затоа ја употребуваат именката ПОЛОЖБА. Но, рековме дека таа се разликува од српската именка ПОЛОЖАЈ. Кај нас може да биде човек во седната положба, во легната положба и слично. Некој може да се наоѓа во тешка финансиска положба (состојба).
Постарите, кои служеа војска, се сеќаваат на командата – “На положај”. Познато е дека во тогашната армија службен јазик беше српскиот. При тактичките вежби, кога требаше војниците да ги заземат борбените позиции, командата гласеше – “На положај”! Можеме ли тоа да го преведеме – “На положба”? Се разбира дека не. Тоа би било погрешно, исто како што е погрешно она СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБА. Но, ете, луѓето (новинарите) без да бараат некакво решение си го употребуваат тој израз. Лекторите си молчат, а некоја друга институција веќе одамна не се јавила со евентуално толкување.
Пред повеќе години, во прилепскиот театар се играше една комедија од Фадил Хаџиќ. Насловот (на српски) гласеше – “Човек на положају”. Откако разбравме дека ќе се игра соодветната комедија, во некои помали кругови, меѓу колегите, се разговараше за тоа како би гласел преводот на насловот! Некои мислеа дека тоа е лесно, дека ќе се отфрли вокалот У и насловот ќе си биде – “Човек на положај”. Ние лично, знаевме дека тоа не оди од причини што ги објаснивме погоре. А тогаш како? Човек НА ПОЛОЖБА не оди никако. Преводот требаше да го прави Миле Попоски. При една случајна средба, го прашавме до каде е со преводот. Рече дека почнал и дека ќе биде навреме готов. Го прашавме како ќе гласи насловот. Рече дека уште не е начисто и дека единствен проблем во преводот би бил токму насловот. По некое време преводот беше готов. Насловот гласеше – “функционер”. Одлично! Миле со тоа ги избегнал сите замки, зашто ФУНКЦИОНЕР го има токму тоа значење, човек кој е на висок “положај”.
Да споменеме и тоа дека во прилепскиот театар се играше и комедијата “Протекција” од Б.Нушиќ. Во некој дел од комедијата има критика за некои луѓе кои имале нереални желби за високи “положаи”. Преведувачот (мошне познат) не успеал да се снајде во ваквата ситуација и го задржал српскиот збор ПОЛОЖАИ и ако знаел дека тоа е погрешно. Вака некако, стигнавме до она што го слушаме мошне често дека некој ја злоупотребил службената ПОЛОЖБА.
Луѓето кои заземаат некои високи позиции се ФУНКЦИОНЕРИ. Затоа, наместо СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБА, слободно може да се рече дека тој и тој човек ја злоупотребил својата ФУНКЦИЈА. Можеби можело и СЛУЖБЕНА ФУНКЦИЈА. Но злоупотреба може да направи и човек кој не е на висока функција. Затоа, може слободно да се рече дека ја злоупотребил својата СЛУЖБЕНА ПОЗИЦИЈА, а може и својата СЛУЖБЕНА ОБВРСКА.
Не треба слепо да се држиме за буквалниот превод – СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБА. Именката ПОЛОЖБА во ваквите случаи не може да ја врши соодветната функција. Има поблиско значење со именката СОСТОЈБА, отколку со ФУНКЦИЈА или ПОЗИЦИЈА.
Чести се ваквите нелогичности кои се употребуваат од нашиве луѓе. Некако, најлесно ни е да си направиме буквален превод од српскиот јазик, без да мислиме дали со тоа сме го погодиле точното значење.
Во ваквите случаи можеме слободно да речеме дека лекторите ја злоупотребиле својата “службена положба”, односно, ја злоупотребиле својата работна обврска. Чудно е зошто лекторите малку интервенираат. Оној текст што го слушаме од презентерите, неопходно е да биде лекториран. Дали презентерите тоа не го почитуваат или пак лекторите не си ја вршат својата работа?!
Благоја Ивчески
ИЗВИНУВАЊЕ
Во рубриката Јазичен агол (од претходниот број) беа наведени некои хемиски формули, кои требаше да бидат напишани со латинска азбука. Поради техничка грешка формулите беа прикажани со кирилска азбука и со тоа ја изгубија логичноста.
Редакцијата на Зенит им се извинува на читателите и на авторот за пропустот.