Фудбал
Во составот на аматерската фудбалска репрезентација на Македонија, селекторот Мите Митев смета на четворица од прилепските второлигаши. Дресот со државни обележја го носат Даниел Котески и Христијан Петрески од Победа, Даниел Карчески и Роберто Стојковски од Корзо. Репрезентацијата успешно ги помина претквалификациите во Струмица и тргнува кон новиот предизвик, квалификациите, преку кои се обезбедува пласман на Европско аматерско првенство. Групата е во Литванија од 21 до 27 април, каде ривали, покрај домаќинот, се Азербејџан и Србија.
Обврските на аматерите го сменија распоредот во Втората лига. Претстои долга пауза до вторник 30 април, кога е предвидено 24. коло. Во претходната рунда, Победа двојно изненади во Штип со Баби. Прво со резултатот 0-0, после со настапот на Александар Зојчески, за кого домашните тврдат дека имал пет жолти картони и вложија жалба. Според реакциите од Победа, евиденцијата во ФФМ не е точна и нема стравувања од службен пораз, одземање на бодови и парична казна. Победа е осма со 33 бода, колку 11 Октомври на седмото, клуб кој загуби дома во 88. минута 0-1 од Еуромилк. Образот го обели Корзо со 6-1 над Охрид, за 11. место со 24 бода. По паузата Корзо оди кај Еуромилк, 11 Октомври на Врапчиште, а Победа го чека Миравци.