УМЕТНИЧКА И БИЗНИС СТРАСТ ВО КАМЕНОТ

“Сваќарот”

Најстарата фирма во Прилеп што преработува, главно мермер, а и други архитектонско градежни камења е “Сваќарот” на семејството на Петар, Кате и Горан Сваќароски. Родена е пред 34 години, кога сите бараа државна фирма “да нишаат врата и да земаат плата” и плаќаа по дваесетина илјади марки да се вработат. На сениорот Сваќароски, на Петар, му се смачило од неинвентивната и монотона работа во Мермерскиот комбинат и заминал во потрага по сопствен горчлив леб. Денес не жали на храброста што излегол од, своевремено, богатата фирма и се ориентирал на приватен бизнис, како прва ластовичка во прилепско, кога на никого не му доаѓало ниту на крајот на паметот за капитализмот.

Заљубен во каменот, низ фирмата, првин во селото Големо Коњари, а после и во градов, на Петар му тргнал добро бизнисот со обични рачни алати, бугарска брусилка за скратување плочки при редењето, многу труд и непреспиени ноќи. Дури влегол и во експлоатацијата на мермерот со отворање на рудник кај селото Плетвар, кој сега мирува со техниката. Фирмата работи со плочи за надгробни споменици, ваја скулптури, бисти на спомениците, произведува и монтира мермерски скали, подови столбови, со чеканче и глето. Рачно “резбаните” орнаменти на камен ги барала цела Југославија, оти во државните било ем многу скапо, ем се чекало со месеци и години.

Сваќарот не се “скостува” ниту по речиси три ипол децении. Создаваната репутација како мозаик, камче по камче, внимателно ја одржува и чекори по патеката на чесноста, квалитетот, точноста и пристојните цени, паралелно претпазливо модернизирајќи ја и надградувајќи ја техниката. Во ангажманите на столбот на фирмата му помагаат сопругата Кате, а енергијата е во синот Горан, кој веќе го презема кормилото комплетно.

Петар смета дека ако некогаш било време за дезинтеграција, за мали фирми, со глобализацијата, нужна е интеграција на малите во секторот на каменот.

– Малите мора да се специјализираме и, како конзорциум, да настапуваме, да “фатиме” големи проекти. Инаку, ќе исчезнеме. Големите риби секогаш ги јадат малите – кажува Сваќароски.

Ориентација му е мермерот. Во продукцијата го има над 80 отсто. Обработува нешто гранит, оникс, травертин…

– Работам како што умеам со луѓе што ги познавам. Враќањето на муштериите е знак дека производството е квалитетно. Тоа тера напред и, напред. Поинаку не ќе опстанев толку време. Постепено го намалувам ангажманот, се зауздувам, зашто демне опасност да се “дрогирам” од бизнисот и да станам зависен. Тоа е најстрашното денес. Бизнисот е опасен, далдисува. Се оставаат фамилиите и пријателите. Многу пари ги уриваат човечките и моралните вредности. Не сакам ни многу, ниту малку. Оптимум. Животот не е само работа – ја кажува Сваќароски својата бизнис филозофија.

Признава дека од мозок на фирмата сега ја предава на младата генерација на која и препорачува да оди три чекори напред, а два назад.

– Ми лежи на срце рачната работа. Заљубен сум во каменот да му давам душа, да го “месам” како тесто со чеканче и глето и да го претворам во уметничко дело за свој ќеф. Каменот е инспирација, небаре жена. Вдахнува, привлекува и го врзува човека додека не го дотера според идејата во главата – вели возрасниот Сваќароски, пет – шест месеци пред пензионирање, додека сопругата и синот трчаат, мерат, разговараат за нови зделки и набавки на материјали и потрошни делови за машинскиот парк.

Најстарата преработувачка фирма за камен ја гледа иднината во државната заштита, оти во земјава со богатство на камен влегува неквалитетен и фалш материјал, додека нашето богатство не прогресира со соодветно темпо. 

Loading