СИТЕ ВО ЗЛАТНАТА СРЕДИНА

Фудбал: После 22. кола во Втората лига

Седми е 11 Октомври, осма Победа, 12-то Корзо

Се остварија прогнозите на фудбалските приврзаници дека некогаш најфудбалскиот град нема сили за иден прволигашки клуб, туку доволен успех ќе биде доколку сите три второлигаши ги задржат позициите и статусот. Некогаш имаше еден силен, а сега се три слаби. На осум кола до крајот, најголемиот дострел е златната средина, седми 11 Октомври со 33, осма Победа 32, 12-то Корзо 21 бод.

Во фокусот беше Победа јуниор, најмногу поради името, брендот. По неколку есенски кола се виде колку пари вреди. Со ланскиот состав, без Мегленски и без засилувања, што ја отсликува финансиската немоќ, потона меѓу просечните и веќе не можеше да се извлече од таму. Продолжува сивилото, губи сигурно од водечките, се мачи со аутсајдерите и вистинска среќа што има доволно бодови да не се падне подолу на табелата. Тоа е најголема штета за играчите, кои беа таленти, но ги губат можностите за прогрес.

Во 11 Октомври влегоа доста поспокојно во првенството, иако важат за лански прволигаш. Шанса добија младинците со кои не се оди на највисок пласман. Ни горе – ни долу е позицијата на тимот, во кој се кријат можеби идни репрезентативци. Заминаа во посилни клубови, Ацески, Петрески, Ф. Мирчески, како и најмладиот Радески, кој се проби за место во Металург. Другите ги следат менаџери и не е исклучен трансфер, што е една од целите во клубот.

Моментно најсилен е маалскиот клуб Корзо. За многумина нејасно како успеа да се среди и оформи со сите нишани, но дека е веќе моќен и привлечен доказ се десетте засилувања. Не е важно дали се домашни или од други градови, млади или повозрасни, туку отворена е вратата за квалитетни. Во првенство се бара опстанок, а в година се најавува атак на горниот дел, дури се споменува и пласман во Прва лига. Ако не можат другите, може – Корзо.

ДВА МЕЧА

В сабота (16 ч.) на стадионот “Гоце Делчев” Корзо, по првиот пролетен пораз во Гостивар (2-0) игра со последниот Охрид. В недела на истиот терен, 11 Октомври по триумфот (3-5) во Охрид, се среќава со Еуромилк. Победа гостува кај Баби во Штип.

НАШ ГВАРДИОЛА

На клупата од Корзо пролетва е Зоран Штерјовски, некогашен играч на Пелистер, Победа, Силекс, Слога и ТБ Берлин во Германија. Вниманието го привлече со шест меча во серија без пораз (со есенските два вкупно осум), но и со имиџот. Облечен во темен костум како за свечени прилики, со голата глава личи на Шпанецот Гвардиола. Веќе така го завикаа од трибината.

Loading