Откако се запре навалувањето на градската саат кула со сериозна градежна статичка интервенција на зацврстување на темелите проектирана од експерти, градските власти веќе ја финализираат подготовката на проектот за партерното уредување на околниот простор.
Според Бранко Нешкоски, директор на ЈП за ПУП, проектот е речиси готов, а тендерот се очекува секој момент.
– Пред почетокот на Пиво фестот, до првата половина на јули, околината на препознатливиот споменик на културата ќе биде облагородена со тенденција да се задржи автентичноста на амбиентот на Старата чаршија. Претстои комплетно освежување на патеките и на зелените површини – вели Нешкоски.
Паралелно ќе се реновираат фасадите на дуќаните унифицирано да се акцентира автентичната архитектура на Старата чаршија.