НИЗ СИТО ДО ЛОВЕЧКА ПУШКА

Од ловечкото друштво Мукос велат дека законот е дециден во врска кој смее да поседува огнено оружје.

– Основно е барателот на огнено оружје да е полнолетен и да е психо – физички здрав, што се утврдува со лекарски преглед. Од останатите клаузули, потребно државјанство, потврда од судот за неосудуван и документ дека не му е одземена деловната способност. Понатаму, законот бара членство во ловечка или стрелечка организација, уверение за стручно оспособување со оружје и ракување и за ловците, положен ловечки испит – објаснуваат од здружението.

Од Мукос кажуваат дека со поновите законски акти, оружје смее да носат само припадници на МВР, припадници на АРМ, работници од агенции за обезбедување на лица и имот, додека цивилите не смеат да го носат оружјето во населено место. И ловците треба расклопено да го извадат оружјето од дома до ловиштето, оддалечено минимум 300 метри од населено место или пат. Задолжително е оружјето да се чува расклопено дома и празно во трезор или сеф, за кој пристап има само носителот на дозволата. Муницијата треба да е одделена од оружјето.

Членството во Мукос ја надминува бројката од 600 ловџии, со 70 постари од 65 години. За нив важат посебни правила, кои се однесуваат на редовна лекарска проверка на здравјето.

Оружјето што е оставено по смртта на носителот се смета за трофејно оружје. Тоа се онеспособува со заварување на затворувачот или се пломбира, при што со примена на вториот процес може да го врати оружјето во првобитна состојба, додека со заварувањето и бушењето на цевката процесот е иреверзибилен.

СКАПИ ПИШТОЛИ И КОМПЛИЦИРАНИ ПРОЦЕДУРИ

Намален е  интересот за купување на дозволените категории огнено и друго оружје во однос на минатите години, според легалните продавачи. Лани биле купени 15 пушки, од кои 10 сачмарки и пет ловни карабини во една од двете продавници за огнено оружје. Продаден еден револвер и два пиштоли за лична заштита. Годинава е бетер. Драстично е опаднат интересот за карабини и сачмарки, заради намалувањето на ловните површини, долгиот административен процес за добивање на дозвола и цената на огненото оружје. Во едната продавница е продаден само еден ловен карабин. Сопственикот додава дека интерес за пиштоли покажувале лица од други градови.

Муницијата се продава исклучиво со дозвола од МВР и тоа 100 парчиња за едно оружје годишно. Најбарана е за пиштолите 9 мм и 7, 65мм.

За лична заштита најчесто се купуваат пиштоли од марката Парабелум 9 мм, лиценцно изработени во Застава, Крагуевац. Почетната цена е од 18 илјади денари и се покачува со додавање на гравирана дршка и цевка. Популарните руски ТТ (тетеец) пиштоли, порано користени од полицијата полека заминуваат во историјата и се чуваат како трофејно оружје. Ако на некој повеќе му е дојдено до стилот, отколку до заштитата, неизбежен е хромираниот револвер, Магнум 357, марка што нема кој не ја знае. Цената е над 57 илјади денари, во зависност дали е користен и староста. 

Доколку љубителите на оружје ги исполнуваат законските услови, ќе треба широко да го отворат ќесето, затоа што пушките и пиштолите не се играчка, а компонентите за нивна изработка и финалниот производ се доста скапи. Квалитетен ловен карабин чини околу 30 илјади денари, а доколку купувачот сака кундакот да биде изгравиран и цевката хромирана, тоа крева цената.

Тука не завршува одисејата за располагање и за чување оружје. За оружјето е потребен прибор за чистење и одржување, сеф или заштитна кутија за кој само бравата чини околу 1000 денари, задолжителната футрола која варира со цената од 1500 денари па нагоре, гума за кундакот во разни форми која чини во зависност од моделот од 900 денари нагоре.

ПЛАШЛИВЕЦ СО ЛИЧНА КАРТА

За гасно оружје, пиштоли – “плашливци” и сигнални пиштоли потребна е потврда од продавницата од каде носителот го набавил оружјето со приказ на лична карта и пријавување во полицијата во рок од осум дена од купувањето.

ОГРАНИЧЕНИ МАРКИ

Дозволени категории на оружје кои може да ги поседува граѓанин на Македонија се – Ц3 – полуавтоматско оружје, Ц5 – ловна сачмарка, Б4 – пиштол или револвер и Ц1 – ловен карабин. Количината на муниција за ловни сачмарки не е законски ограничена, додека за карабин, пиштол и револвер, максимално годишно може да се купат 100 парчиња муниција за што е потребно барање до подрачното МВР. 

Loading