ГРАН ПРИ ЗА НАЈКРЕАТИВЕН СУШИ МАЈСТОР ЗА ПРИЛЕПЧАНЕЦ

Ќе пукнат Јапонците од мака – Македонец ги победи на Светскиот Шампионат 2013

Се обидува да меша македонска и скандинавска кујна, во јапонската и така создава нови идеи и вкусови

Прилепчанецот по мајка, Пепи Аневски е победник на Светскиот Суши Куп Јапонија 2013. Македонското сонце како инспирација и комбинацијата на македонската и скандинавската кујна ги “турна” на колена Јапонците кои му ја доделија гран – при наградата за подготовка и аранжирање на суши во индивидуална конкуренција меѓу 18 учесници од Јапонија и странство на натпреварот кој на 6 март се одржа во Чиба, во Токискиот Залив во Јапонија.

МАКЕДОНСКО СОНЦЕ НА ЈАПОНСКА ЧИНИЈА

Генот од македонското поднебје кој го носи и скандинавските натурализирани навики, го доведоа 36 годишниот Пепи Аневски на тронот да се закити со наградата “Мост Цреативе Сусхи Мастер Ањард”.

– Направив суши за кои инспирација ми беа нашите 4 годишни времиња. За “зима” направив нигири суши од школка со соја и путер, за “пролет” – со бела риба и икра од скандинавска риба, за “лето” – суши со чаден лосос и јаготки што е типично за Скандинавија, а за “есен” нигири суши од хамачи риба со “ѕузувинаигретте и боттарга”.  Ги ставив на секој ќош на чинијата, а во средина направив  “маки и гункан”, што требаше да го презентира сонцето што свети во сите 4 сезони. Во “маки суши” ставив ракчиња, кориандер, краставица и печени домати што ми текна од македонската кујна, а во “гункан суши”, пак, омар со морков и авокадо. Комбинацијата ги импонира јапонските судии, особено што комбинирав во јапонско суши македонско и скандинавско. Им објаснував на Јапонците за Македонија и нашата култура. Има сличности, можеби повеќе меѓу јапонската со скандинавската кујна. Многу детали имаше на чинијата. Добив многу поени и за хигиената, ептен важна во сушито, бидејќи се работи со свежа риба. Јапонската кујна е многу чиста, во сушито нема многу печење и мрсни додатоци. Тренирав 2 месеци пред да ги комбинирам сите шмектови. Важно беше да има една тема во презентирањето па затоа го нареков “Тхе сун ацросс тхе фоур сеасонс”. Горд сум и радосен за победата – објаснува мајсторот Пепи Аневски.

ГОТВАЧ ЗА ЈАПОНЦИТЕ ВО АМБАСАДАТА ВО КОПЕНХАГЕН

Меѓу врвните во светот суши готвачи, кои се собираат на Светскиот суши Куп во Јапонија, на Аневски му помогнала креативност и инспирацијата за правење суши. Натпреварот се организира да се разменат искуства, да се развијат мрежи на суши мајстори, со контрола на квалитетот, како и да се пронајдат новите трендови и стилови на подготовка на суши кои се водечки не само во јапонските  ресторани, туку  и во светски рамки. Учесниците морале да имаат над 5 години професионално готвачко искуство и да платат 10.000 јени за учество.

– Располагам со искуство и познавање на јапонската кујна повеќе од 10 години. Размислував за новите вкусови за воодушевување на  судиите, а да се држи до јапонската традиција. Почнав да работам во една јапонска кујна пред 12 години најпрвин во Шведска. Се заинтересирав и добив работа во Копенхаген, во Данска каде што има големо разбирање за јапонското јадење. При работата во разни ресторани, постојано учев нешто ново. Се обидував да мешам македонска и скандинавска кујна. Така ми текнуваа нови идеи и вкусови. На скандинавското првенство во 2008 г. освоив второ место. Во 2012 г. се запознав со господинот Казато Сан од Јапонија, кој бараше таленти за светското првенство 2013 г. Му помагав при готвењето во јапонската амбасада во Копенхаген. Ме покани да се натпреварувам во Токио. Во Јапонија беше многу тешко. Требаше да подготвиме јадење за еден ден, па другиот ден да се натпреваруваме. Имаше готвачи од Америка, Уругвај, Сингапур, Јапонија… Натпреварот траеше 45 минути, а судиите пробуваа и даваа поени. Ме оценија за прво место, а на второ Јапонец. Бидејки победи еден “Не Јапонец” сите прашуваа од кај сум. Мојот одговор беше: “Јас сум Македонец од Шведска, кој работи во Данска” – вели Аневски.

МАКЕДОНЕЦ И ВО СРЦЕ, И ПО КОРЕН

Пепи Аневски е роден во Шведска, во градот Малме. Татко му е од битолско, а мајка му од Прилеп, поточно од Небрегово. Родителите заминале на печалба во 1970 г. Секое лето се враќале во Македонија.

– Растен сум во Македонија и Шведска. Првиот јазик што го научив беше македонскиот. Шведскиот јазик го научив на 7 години  со училиштето. Швеѓаните ме “сметаат” како нивни, а и од друга страна кога си одам дома, во Македонија, ме гледаат како странец. А јас сум Македонец кој живее во Шведска  и не можам друго да бидам, оти Македонци се и татко ми и мајка ми – вели Аневски.

О женет е. И сопругата, со која имаат два сина, е половина Македонка. Секое лето доаѓаат во Македонија да ги посетат роднините и да се врати во куќата каде што растел. Но, ова лето посетата на Македонија ќе ја замени со Јапонија каде го носи наградата “Готвач на годината” да продолжи да ги открива тајните на специјалитетот “суши” од еден од најдобрите јапонски готвачи.

ЗДРАВЈЕ СО СУШИ

Јапонската храна е многу добра за здравјето. Суши-јадењата се речиси сосема лишени од масти. Рибите што најчесто се користат во јапонската кујна се туна, лосос и бела риба. Богати се со протеини и многу полесно се варат. Во Јапонија рибата се приготвува пред очите на клиентот. Познатиот јапонски специјалитет прв го измислил Ханаја Јошеи од Едоа, во 1820 година. Сушито кој тој го подготвил во неговата работилница содржело свежо исечена сурова риба или морски плодови во комбинација со ориз. Поими “суши” е професионално име за засладен и зачинет зеленчук, “маки” – ориз и ролни со риба и зеленчук, а “нигири” –  пакет со ориз со јапонски рен и филе од сурова и варена риба.

Loading