ТРИ НОКАУТ МЕЧЕВИ

Ракомет: В недела во “Сонце” 1/4 финалната група од женскиот Куп

Прва пречка на Жито Прилеп е штипска Кожувчанка

Во недостиг на привлечни спортски настани, добредојдена е ракометната понуда за претстојниов викенд. В недела, во салата “Арена Сонце” се играат мечеви од 1/4 финалната група, каде фаворит е домаќинот Жито Прилеп. Првата пречка за девојките на Борче Марковски е вториот суперлигаш, Кожувчанка од Штип.

Се чини, нема проблеми за фаворитот. Тимот кој по убедливата првенствена победа 40-20 дома над Кичево (најефикасна Аџулеска со девет гола), со 18 бода, го освои третото место на конечната табела од Супер лигата, над Куманово со 15, а под, веројатно, новиот шампион Вардар со 34 и Металург со 31 бод. Наредна цел е што подалеку во Купот, каде со поволна ждрепка можно е финале како претходните години. До пласман меѓу четирите најдобри треба прво да се надигра Кожувчанка, која е третпат “муштерија” сезонава. Претходните две се добиени дома со 38-26, на гости со 29-20.

Останатите партиципиенти во групата, Пелистер од Битола и Ѓорче од Скопје се од послаб ранг, прволигаши, но не е пожелно потценување, бидејќи во купот неретки се изненадувањата. На моментната прволигашка табела, Пелистер е четврти со 18 бода од 10 меча, а Ѓорче седмо со 12 од 11 меча. Овие тимови се познати по дуелите со РК Филип 107. Пелистер победи дома, загуби во Прилеп, а Ѓорче загуби во Прилеп, победи во Скопје. Според прогнозите, треба во 1/4 финалето да се очекува пелагониска пресметка, Пелистер против Жито Прилеп.

ПРОГРАМА

11 ч. Жито Прилеп -Кожувчанка

13 ч. Пелистер – Ѓорче

18 ч. Четвртфинале

Loading