СТРАШНО ИМЕ – КОРЗО

Фудбал: Нема кој да ги победи во втората лига

Нималку не чуди ако се тресат од страв наредните противници на Корзо. Екипата на Зоран Штерјовски можеби на стартот од пролетниот дел не беше сфатена најсериозно и тоа им се удри од глава на ривалите. Прво се опамети Миравци, кога пред своите гледачи одвај извлече 1-1, после со 2-1 падна Новаци, а Маџари губеше 0-2 и среќно е што избори 2-2. Дојде на ред и Победа јуниор совладана со 2-1 на градското дерби, а безмилосно беше “реден чаши” Тиквеш со 0-7 среде Кавадарци.

Колку в сабота (16 ч.) на стадионот “Гоце Делчев” ќе издржи наредниот противник, тетовска Руфеја? Петтопласирана е со 36 бода и гледа кон елитното друштво, но планот се остварува само доколку ја преброди неволјата викана Корзо, 12-тиот со 20. Нема играчка со составот каде повеќе има одбрани засилувања од страна, отколку домашни. На голот се менуваат и надополнуваат Гоновски и Сркески, во одбраната Димитриоски, Шалевски, М. Ќушкоски, Ивановски, в средина Стојковски, Рушаноски, Карчески, Анастасов, Стојанов, во напад Марковски, Тодоровски, Мижоров и повратникот по издржан црвен картон, Гешоски. Оценка е дека како клуб и тим ги надвисува “постарите браќа” 11 Октомври и Победа, а најновите прогнози се пласман над нив.

Сепак, колку комплиментите да годат, нема летање во облаците, туку обврска е натаму пожртвувана, комбинаторна игра и со триумф над моќната Руфеја да се задоволат бројните навивачи, за кои в недела (16 ч.) следи уште еден меч, 11 Октомври – Гостивар, додека Победа оди на Локомотива во Скопје.

Loading