СÉ СЕ ВРТИ ОКОЛУ Б И Б УНИКООП

 

Во третата деценија “живее” фирмата Б и Б Уникооп на Бранко Димески, насочена во прометот со лагери, односно елементи што се вратат во секоја гранка. Последниве неколку години фирмата има засилување. Тоа е синот Благојче. Младиот наследник длабоко е навлезен во бизнисот, преземајќи ја одговорноста со сета младешка енергија и инвенција. И стариот Димески не се дава лесно. Најавува проширување на бизнисот со таканаречена услуга за дијагностика на сите елементи за трансмисија, лагари, запчаници, синџири, каиши, семеринзи, ременици, масти, мазива… од Шведската фирма СКФ, односно контрола на функционирањето на системите со посебна технологија.

– Тоа е сервис. Вршиме монтажа, расклопување на системите со лежишта. Дијагностицираме со специјални камери, ги проверуваме сите пројавени звукови во системите и ги откриваме причините, дали извираат од запчаник или од лагер, каде се појавуваат повисоки температури, центрирање на осовините со ласери и тн. – објаснува сопственикот Бранко.

Постариот Димески ја гледа перспективата во подемот на  компаниите.

– Ако стопанството расте, тријам раце и се радувам. Тоа има рефлекс и во мојот домен – кај лагерите… Компаниите сé повеќе осознаваат дека застој од ден е штета и носи големи загуби. Затоа се ориентираат на квалитет, кој го препознаваат во мојата понуда – вели Димески.

Освен со шведскиот бренд СКФ, понудата е проширена со полски брендови на лагери и трансмисиони елементи, главно употребливи за тешки услови како во рудниците. Клиенти му се рударските фирми, Бучин, Саса, Тораница, Индоматеријали, Југохром, електростопанство ЕЛЕМ, РЕК Битола, Осломеј и многу “мали”, оти во секоја производствена опрема се користат елементи за пренесување на движењата. Создале и пет – шест дилери и дистрибутери со магацин во Скопје, Струга, Струмица, Крива Паланка, Берово, а се токмат да го освојат и Тетово.

– Во зависност од вкусот и џебот на муштеријата, има и кинески, но во мал обем, зашто е ризично за соработка и опасно по имиџот на фирмата со долго искуство – вели Бранко.

Младиот Димески, Благојче, со 27 годишна возраст, постепено го надминува знаењето на повозрасниот. Влегува во системот на “фабриката за трговија со лагери”. Веќе го носи целиот товар на бизнисот. 

Фирмата има долга традиција. Првин била задруга по словенечки терк – УНИКООП – Унија на кооперанти до сто кооперанти. После се транформирала во приватно претпријатие, ориентирано кон Југославија. Претпријатето тргнало по патот на промет со трансмисиските елементи, како барана стока, која не се расипува и се троши, без да се трча по муштерии, туку муштериите да ги бараат – вели Димески, кој пред лажиштата бил пак со челикот, но со конструкциите на Металец.

БРАНКО И  БЛАГОЈЧЕ – Б И Б…

– Името Б и Б  Уникооп го сменив, оти се најдуваше на крајот од каталозите. Затоа избрани се првите букви од моето и од името на син ми. Тоа овозможи да бидеме на врвот во браншата – вели Бранко Димески.

ЛАГЕРИ ЗА СТАРТ НА ФЕНИ

– Пред големи фирми го зедов тендерот за трансмисиски елементи за старт на ФЕНИ. Понудив трипати пониски цени во споредба со силната и призната конкуренција. Квалитет беше пресуден, односно повисок од ривалите. Се чудеа како ја освоив довербата. Успеав, оти се прилагодив на условите уште пред повеќе од 15 години – кажува Димески.

Loading