РЕКА БЕЗ ПРЕМИН

Граѓаните ги минувале двата водотека преку неколку моста. Главно премините на бреговите на Оревоечка и Дабничка река биле дрвени градби. Гредите крцкале на првите камиони. Пред тоа најголемата “мака” на мостовите им биле воловските, запрежни коли, товарени со градежни материјали, песок, железо, цемент…

Лете, реката без камени ѕидови, се минувала на места без мостови. Нискиот водостој овозможувал да се “скокне” од другата страна на градот. На пролет, набуените, здивени води носеле сé пред себе. Опасно било да се рипне од камен на камен. “Аздисувала” водата и по долот што го дели ридот на два дела.

Куртулил само најстариот мост Кемерлија на сегашниот кружен тек на улиците “Марксова” и “Мице Козар”. Иако турски, одолеал на стихијата и преживеал векови. Со раширувањето на улицата, заминал во историјата. Дабничка се поделила.. Од Тризла, дел слегол кај Ѓогдере и дел се припитомил во каналот под улицата “Мице Козар”. Оттаму го пресекол Булеварот и заминал кај автобуската станица во големото корито на Оревоечка.

Loading