ПОБЕДА И ПОРАЗ

РК Филип 107 и РК Прилеп

Продолжуваат битките за бодови во прволигашката конкуренција. Во женската лига, РК Филип 107 на Елизабета Филипоска и врати на Виница за есенскиот минимален пораз. Во арената “Сонце” резултатот во полза на домашните е убедлив 24-18 (9-8). Разигрувањето беше по одморот, во вториот дел. Со трите бода собрани се 16 за шесто место, а шансите за погоре постојат ако успех има на наредното гостување кај претпоследниот Универс во Гостивар.

Во машката прва лига променливи настапи на РК Прилеп. Во тензична атмосфера и со контраверзни судиски одлуки, загубен е дуелот кај Младост во Богданци со минимални 27-26. Веднаш доаѓа шансата за поправање на пропуштеното. В недела (15 ч.) е дербито со лидерот Струга. Есеноска ривалот со крајни сили победи дома со еден гол, 29-28 и време е да се покаже кој е подобриот, без оглед на табелата каде стружани се побогати за шест бода. Момците на Орде Илиески одат натаму во 1/8 финалето од Купот, со оглед на триумфот 35-28 над ресенска Преспа.

Loading