ВРАЌАЊЕ ТРИ РАТИ

Фудбал: В сабота (15 ч.) Корзо – Победа

Ново градско фудбалско дерби, после “вечното” на кое Победа со 2-1 го надигра 11 Октомври. В сабота (15 ч.) разиграното Корзо ја пречекува Победа. Ако се погледне табелата, Победа е фаворит со оглед на седмото место со 31 бод, наспроти Корзо со 14 бода на 13. место. Но, упатените знаат дека Корзо не е веќе маалски клуб и со десетината зимски засилувања може да се спротивстави на секој во лигата. Петте пролетни бода се потврда на силата. Момчињата на Зоран Штерјовски се желни за реванш и наплата на долгот од три рати. Имено, досега трипати се одмерени силите со градскиот ривал и Победа трипати славеше, двапати во трета лига со 3-1 и 6-0, еднаш во втора лига есеноска со 3-0.

– Офанзивно одиме на победа. Комплетни сме и нема за нас друга цел освен целиот плен – порачува Роберто Стојковски, плејмејкер на Корзо.

Во Победа јуниор владе умереност. Свесни се колку ривалот е тежок и тука не игра улога ниту името, традицијата или моментниот пласман на табелата. Клубот се соочува и со внатрешни проблеми. Дознаваме дека тренинзите не се на потребното ниво, има пропуштени термини. Сепак, обврска кон бројните симпатизери е да се одигра во рамките на можностите, а тоа сигурно ќе го направат фудбалерите.

– Респект кон Корзо. Да почнуваше сега првенството овој клуб ќе се бореше за самиот врв. Немаме амбиции за бараж или слично, но ќе одиграме чесно и борбено – вели Златко Петрески, тренерот на Победа.

Третиот прилепски претставник 11 Октомври в недела (15 ч.) дома игра со Тиквеш, а од овој клуб се горди на младинците кои во средата направија подвиг и на полуфоиналниот куп меч со 2-0 (Л. Николоски, Момироски), го победија фаворитот Металург. Реваншот е по две недели во Скопје.

Силни состави

КОРЗО: Гоновски – Димитриоски, Гелов, Шалевски, Ивановски -Стојанов, Мижоров, Марковски, Стојковски – Тодоровски, Гешоски.

ПОБЕДА: Апостоловски – Богоески, Велјановски, Јанкулоски, Котески – Велевски, Јусуфоски, Петрески, В. Митревски – Здравески, Чешелкоски.

Loading