БОШЕ МИЛОШЕСКИ ОЧЕКУВА ДОВЕРБА ОД СИТЕ

Втор круг на локалните избори во општина Долнени

Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” за општина Долнени, Боше Милошески, на 7 април повторно ќе ја побара поддршката од сите граѓани, особено Македонците, во битката со Абдула Бајрамоски, градоначалник на  Долнени и кандидат на ДУИ. Докторот Милошески очекува зад него да застанат и членовите и симпатизерите на СДСМ кои во првиот круг гласаа за кандидатот Изудин Каришиќ. Владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ изразува подготвеност и е отворена за соработка на локалните избори со опозицијата. Очекува гласови и од Бошњаците, Турците и Албанците во духот на соживот на општината.

Милошески најавува формирање на индустриска зона и привлекување на странски инвестиции. Проекти од програмата се реконструкција на дел од патиштата, канализација во Десово и Ропотово, поврзување на водоводната мрежа од Мало Мраморани, Рилево и Сливје со Студенчица. Најавува и чистење и изградба или реконструкцијата на речното корито во Десово, Житоше и Дебреште, потоа намалување на цената на водата и на комуналната такса. Милошески очекува градба на мост и асфалтирање на патот на реката во Житоше, изградба на резервоар за вода за Заполжани и започнување со работа на амбулантата во Долнени. Тој ќе финансира градба на нова амбуланта во Секирци. Планира и градба на спортски и детски игралишта да се подобри животот во општината.

Милошески не користи остра реторика, ниту пак има говори за дополнителни тензии во меѓуетничките односи, туку тргнувајќи од својата хумана професија, сака соработка и да им помогне на сите жители на општината, без разлика на верата и националноста.

Околу 14 илјади жители на Долнени, од кои најголемиот број се земјоделци, во минативе години се уверија во напорите на Владата и во паричната помош за сите култури и гранки. За владината поддршка низ митинзите и средбите со населението, потсетија вицепремиерот Владимир Пешески, пратениците Ане Лашкоска и Димитар Стевананџија, потоа министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Голем ентузијазам, доверба и позитивна енергија влеа државниот секретар од министерството за животна средина, Соња Лепиткова.

Како и во минатите 20-тина дена, така и во овие две недели д-р Боше Милошески, ги продолжи срдечните средби со жителите на сите села од општина Долнени.

Инаку, во 2009 г., на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Боше Милошески му избега можноста  да стане “татко” на сите жители на општина Долнени само за  301 глас.

Кој е Боше Милошески?

Тој е роден во Секирци 1975 г. По завршувањето на средното медицинско училиште во Битола во 1994 г., Медицински Факултет завршил во Софија во 2000 година. Оженет е со сопругата Анита. Татко е на две малолетни деца, Марко и Јована. Работи како лекар во П.З.У Др.Милошески во селото Преглово, Македонски Брод.

Инаку, општината се протега на 430 км2 и е една од поголемите новоформирани со Законот за територијална поделба и Законот за локална самоуправа од 1996 година и проширена со припојување на општина Житоше од 2004 година.

Loading