ПРИЛЕПСКИ АМАЗОНКИ

Седмоодделенката Катерина Мирческа и средношколката Маја Дејкоска се навидум обични девојчиња. Но, тој или таа, кои ги сетиле нивните физички предиспозиции, ќе сфатат дека сериозно се “зацапани” во спорт. И тоа во борењето, што најмалку асоцира на девојки.

Двете имале љубов кон спортот. Катерина била за карате, а Маја за  кошарка. Чувствувале дека нешто им недостига. Сакале “диви” спортови, соочување со противникот очи в очи, еден на еден, кога со сила и техника се победува. Се пронашле во борењето и им станало омилен спорт.

“Стажот” на Катерина во БК 7-ми Мај Леов е една година, а на Маја пет месеци. Во клубот се малцинство, покрај 15 машки.Тоа не им смета. По нивниот пример, се запишале уште четири девојчиња. За краток период, прилепските “амазонки” се покажале како најуспешни во Македонија во типично машкиот спорт. На натпреварите во Штип и Кочани се бореле меѓусебно за првото место, па го поделиле златото и среброто.

Велат дека за успех се потребни храброст, кондиција, знаење и, пред сé, бестрашност. На тренинзите се борат и со мажите од клубот и секогаш ги ничкосуваат на душеците.

Практикуваат слободен стил на борење и одлично ги владеат потезите “мелница”, “черек”, “суплекс”, “лифт” и “ауфрајзен”. Овие вешти техники им овозможуваат да му дадат “туш” на противникот, односно го ставаат во позиција да не мрдне со екстремитетите. За топ форма, покрај четирите тренинзи неделно, често се и во фитнес сала за “билдање” мускулна маса. Правилно го распределуваат времето и не попуштаат и во училишниот успех. Со радост одат на тренинзи да научат нешто ново и да го покажат совладаното.

Последен успех на дуото борачки бил училишниот натпревар во Штип каде кутнале шест противнички, па за златото се бореле една со друга. За победата на Катерина пресудна била навидум мала грешка, во спортот со многу техники и правила. Со победата добила 10 дневен престој во летен камп во Охрид.

Двете ги очекува пионерско и кадетско првенство во мај.   

Loading