ОДБРАНИ ЗА ЕВРОПА

Фудбал: Дарко Тофилоски одличен во Словачка

Пробив на трето место со Кошице

Трета сезона меѓу стативите на словачкиот прволигаш Кошице е нашиот сограѓанин, Дарко Тофилоски. Во првенството има изгледи  да биде најуспешниот некогашен член на Победа. Кошице е трет на табелата, со реални шанси за второто место.

Значајни три бода се освоени на последното гостување кај Жилина. За триумфот од 0-1 голем придонес има Тофилоски. Според извештаите, со храбри интервенции ја спаси мрежата и ја смири офанзивата на домаќините. Корпулентниот голман истрчуваше пред опасните напаѓачи, се фрлаше в нозе, ги спречи во намерата. Крајниот епилог е изненадување и сензација, со оглед на коефициентот 5 на обложувалниците, меѓу највисоките изминатиот викенд.

Уште една одлична партија на Тофилоски, кој има завиден скор. На 22 настапи прими само 23 гола, што го сместува меѓу петтемина најдобри чувари во Словачка. Друго што е битно се шансите за Европа. Тофилоски има настапувано со Победа и младата репрезентација на Македонија на меѓународната сцена, а од лето извесно е дека ќе го повтори и со екипата на Кошице. Засега најголеми се шансите за пласман во квалификациите за Лигата на Европа.

Инаку, Тофилоски (27) чудно е што го нема во репрезентацијата на Македонија подолго време, не само пред денешниот меч со Белгија во Скопје. Но, не се заморува со ова, туку е посветен на прогресот во кариерата во Кошице, од каде е можно да замине во поголем клуб летото 2013.

Loading