НОВО УЧИЛИШТЕ ВО ЧЕПИГОВО

Неколку десетина ученици од прво до четврто одделение од селото Чепигово до крајот на месецов ќе продолжат да ги учат буквите и бројките и ќе трчаат по знаење во новиот монтажен училишен објект. Градоначалникот Марјан Ристески рече дека е нужно да им се обезбедат современи услови за настава и на децата во селата.

– Децата ќе имаат училница, санитарни јазли, компјутери и нагледни помагала. Обезбеден е и простор за наставниците. Децата зиме ќе се греат со парно греење – рече Ристески.

Инвестицијата е 2,6 милиони денари, од кои два милиона се од Министерството за образование, а 600 илјади денари од Прилеп.

Финишира новата спортска сала во СОУ “Ристе Ристески – Ричко”. До средината на април се очекува објектот да им се даде на располагање на над илјада ученици, од кои неколку паралелки се за спортски аниматори. Салата не е стандардна, како останатите училишни, туку има и седишта за публика. Околу 40 милиони денари е инвестицијата на Министерството за образование.

Во тек е градбата на сала во СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”. Спортска сала со трибини во Прилеп треба да биде изградена и во ОУ “Добре Јованоски”. Сали ќе се градат и во ОУ “Блаже Конески” и ОУ “Кире Гаврилоски”, а над 800 ученици од СОУ “Ѓорче Петров” веќе две години спортуваат и изведуваат настава по физичко образование во нова сала.                                               

Loading