ТЕШКО ЗА ЖИТО ПРИЛЕП

Ракомет

Како претходно со шампионот Металург, претстои нов тежок меч за Жито Прилеп во 13. коло на женската Супер лига. Девојките на Борче Марковски патуваат во Скопје на мегдан со најсилниот и веројатно идниот шампион, Вардар. Пред една недела Вардар го растури Металург и јасно е како бел ден дека следи нов висок пораз за Жито Прилеп. Сепак, не е страшно, туку мечевите со посилните треба да се искористат за збогатување на искуството.

Претходно Жито Прилеп не дозволи изненадување и со сериозен пристап ги освои бодовите со 20-29 кај последната Кожувчанка во Штип. Екипата во убаво светло се претстави на меѓународниот осмомартовски турнир во Белград, организиран од српскиот суперлигаш БМС Милениум. Прилепчанките го освоија третото место, со победа од 21-19 над вториот тим на Милениум. Домаќинот го освои пехарот со лесен триумф над црногорскиот Бисери Плевља. Впечаток е дека токму полуфиналето со Жито Прилеп личеше практично на финале. По 10-10 на полувреме и на крај 23-23, одлучуваа пеналите, каде две промашувања спречија финале за гостинскиот состав, каде во регуларниот дел најефикасни беа Шалевска со 10 и Мркиќ со осум гола. Шалевска доби пехар за голгетерка со вкупно 16 гола.

Loading