13-ти Меѓународен карневал Прочка
Со отворање на изложбата на цртежи и маски изработени од учениците од основните и средни училишта, во салонот на ЦК Марко Цепенков, напладне ќе почне Меѓународниот карневал Прочка, кој општина Прилеп и здружението Прилепски мечкари, годинава го организираат по 13-ти пат за верскиот празник Велики Поклади. Се очекуваат в недела, над 3000 маскирани лица да дефилираат, за кои е обезбеден награден фонд во категориите на традиционална или современа групна маска и детска маска. Ќе има награда и за најдобра поединечна маска и Најмаска што е гран – при на Фестивалот.
Првпат ќе има гости од Воден, Грција, каде деновиве се претставија и прилепските мечкари кои се амблем на градов. Карневалската “размена” е дел од прекуграничната соработка со јужниот сосед поддржана од ЕУ фондовите и ИПА програмите.
Традиционалната и оригинална маска “Прилепски мечкари” на сите карневалски фешти ширум светот ги оставаат без “здив” посетителите со изгледот и природните кожи, украсени со клопатарци, а уште повеќе со танцот кој повеќе не е хаотичен, туку со извежбана кореографија. Неодамна маската на “мечкарите” беше прогласена за најдобра на Птујскиот карневал каде учествувале првпат.
Се очекува викендов, Прилеп да го посетат над 40 000 гости кои ќе уживаат во карневалот во градот под Марковите Кули каде царува гостопримството, мајтапот и шегата преку забава за сите генерации.
В понеделник на посниот касапски грав ќе има гости од поголем дел од Европа, меѓу кои и претседателот на карневлската асоцијација ФЕЦЦ, Ван Дер Крон.