ЗБОРОТ Е ОДМЕРЕН, А ВЕТУВАЊАТА РЕАЛНИ

М – р Никола Димески, носител на советничката листа на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата

Ќе го продолжи патот на развојот, патот на Европски Прилеп!

За чесна, одговорна и транспарентна работа на советниците од Коалицијата за подобра Македонија, во новиот состав на локалната гарнитура, се заложи носителот на советничката листа м- р Никола Димески пред присутните на митингот.

 – Ова е сериозен предизвик кој значи отворен, решителен, чесен и одговорен пристап во застапување на интересите на граѓаните, решавање на проблемите со кои се соочува нашата локална заедница и реализација на ветените проекти – рече Димески.

Според него, гордост е да се предводи тим од луѓе од различни профили, докажани професионалци во својата област. Тим со кои заедно ќе ја реализираат програмата 2013-2017 на ВМРО – ДПМНЕ и кандидатот за градоначалник Марјан Ристески.

– Во новата програма нудиме 400 нови проекти за нашиот Прилеп. Голем дел од проектите се токму ваши идеи и предлози, а овој тим,  во соработка со градоначалникот, макотрпно ќе работи и истите ќе ги реализира. Проектите ќе придонесат за подобрување на локалната патна инфраструктура, реконструкција на влезовите во градот, подобри услови во образовниот процес како и изградба на ново училиште во населбата Сточен пазар, реконструкција и изградба на нови градинки. Подобри услови за странски и домашни инвестиции преку изградбата на индустриските зони Прилеп 1, Прилеп 2, Прилеп 3 и слободната економска зона Алинци. Изградба на пречистителна станица за отпадни води, фабрика за отпад за производство на електрична енергија и био-гас како и многу други проекти со кои ќе го продолжиме напредокот на Прилеп – рече Димески.

Пред граѓаните треба да се одржи дадениот збор, како што тоа ВМРО – ДПМНЕ го прави повеќе од седум години градејќи цврста меѓусебна доверба.

– Политиката која што му е потребна на градот носи со себе идеи, проекти и визија за развој и подобар живот на прилепчани. Но оваа политика зад себе носи и дела кои ни даваат за право со чист образ и гордо крената глава повторно да ја побараме вашата доверба и заедно да направиме од Прилеп уште поубаво место за живеење. На локални избори се гласа за луѓе кои ги знаете и сте во непосреден контакт со истите, кои заедно со вас ќе ги решаваат проблемите од секојдневието – рече Димески.

Со исклучително квалитетниот тим од искуство и енергија ќе го продолжат патот на развојот, патот на Европски Прилеп! 

Loading