ПО НАСМЕВКА КАЈ Д -Р ВЕСЕЛИН

Меѓу првите приватни стоматолози, плус специјалист по орална хирургија, на кого му било “тесно” во државното здравство е стоматологот Веселин Петкоски. Уште од 1994 година не го “држела кожата” меѓу државните колеги, кои, признава, здраво го потковале во “занаетот” 16 години. По речиси 20 години приватен сектор д- р Веселин, како што се вика ординацијата, сигурно гази низ водите на немирниот приватен бизнис. Важи за еден од храбрите кој влегол во бизнисот, препознавајќи ја перспективата на приватниот сектор, па и во стоматологијата и одржувајќи се и напредувајќи во фелата со многубројни задоволни пациенти.  

Искусниот и квалитетен стоматолог – специјалист со дебел професионален кредибилитет тргнал во освојување на “симпатиите” на пациентите уште во 1978 година во медицинскиот центар. Бил и специјалист во болницата три години. Менторот на специјализацијата му препорачал да биде приватник, зашто, и таа, иако била професор на стоматолошкиот факултет, веќе излегла од научно образовната установа.

– Мотивите беа да “проверам” како е во приватно. Колега излезе и констатира дека приватниот сектор е подобар, бидејќи сам одлучуваш, сам планираш, а во државно планираат други. Почувствував дека времето се движи кон приватизација. Даваа 24 плати. Ги зедов средствата и излегов од јавното здравство. Ја направив ординацијата базично, а подоцна ја проширив. Не беа лесни првите чекори. Беа мачни, несигурни и неизвесни. Не се плашев, зашто чувствував дека располагам со знаење, кое пациентите умеат да го ценат, исто како што ги респектирам кога ќе седнат на столицата – кажува докторот Петкоски.

Стоматологот не се жали, оти се потврдило дека не згрешил. Дури со годините ги насочил двете ќерки на стоматологија, од кои едната денес му е заврешената соработничка, а другата, исто така стоматолог, го “вади лебот” во Скопје.

 Во “палетата” услуги се вообичаените стоматолошки интервенции на третман на забите од чистење забен камен, пломбирање, лекување, екстракции, изработка на порцелански и други видови протези.

– Порцеланските протези поубаво изгледаат, особено за предни заби. Импланти можам да работам, но се скапи. Најефтиниот е 500 евра и може да се откорне. И оралната хирургија ја користам, ако е нужно, ако се скрши заб, ако затворам синус. Имам искуство и тоа ми влева доверба. Следам новини на семинари во сите домени, освен ортодонтските апаратчиња, иако работев и во школска амбуланта четири години. Паралено и ќерките имаат свои пациенти. Повозрасната овде, рамо до рамо со мене, ги презема пациентите. Полесно í е, оти сум í стручен грб – објаснува докторот Веселин. 

Пациентите му се постојани. Услуги бараат и нови, оти добриот глас, далеку се слуша. Дури и Грци го “откриле”, а сограѓаните од Австралија, Европа и Америка се враќаат во туѓина со дотерани заби или протези, уметнички вајани како природни.

– Некои доаѓаат за мостови со несредени заби. Без да им се излечат забите, не се зафаќам со мостови, зашто се можни последици – вели Петкоски, кој е коректен и негува односи на почит и соработка со колегите.

Тој кажува дека времињата се усложнети со повеќе давачки во споредба со порано.

Loading